Издавачката куќа Арс Ламина најави гостување на американската авторка на психолошки трилери Сара Пеканен, која на 25 април ќе престојува во Скопје.
Настанот e официјално објавен на платото пред Арена Борис Трајковски, каде од 23 до 29 април ќе се одржи Саемот на книгата 2026. Пеканен ќе биде дел од програмата на штандот на „Арс Ламина“, со што ќе започне и одбележувањето на 20-годишниот јубилеј на издавачката куќа.
Средбата со читателите е закажана за 25 април во 13 часот, кога ќе биде промовиран нејзиниот најнов роман „Куќа од стакло“, објавен на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“. По промоцијата ќе следуваат потпишување книги и дружење со авторката, а во рамки на посетата таа ќе одржи и мастерклас.
Пеканен ѝ е позната на македонската публика како коавторка на бестселерите „Анонимна девојка“, „Не си сама“ и „Златната двојка“, напишани заедно со Грир Хендрикс.
Авторката ја започнала својата кариера како новинар, известувајќи од Капитол Хил, по што работела и како репортерка во „Baltimore Sun“. За својата работа има добиено награда „Dateline“, а подоцна се посветила на пишување книги. Нејзиниот прв роман „The Opposite of Me“ е објавен од „Simon & Schuster“, а нејзините дела се преведени и објавени во повеќе земји ширум светот.
Досега има објавено 15 книги, самостојни и коавторски, од кои дел се бестселери на „Њујорк тајмс“, а неколку ќе добијат и филмски и телевизиски адаптации.

