Агенцијата за филм промовираше проект за доближување на домашната кинематографија до публиката, под мотото „Македонски филм. На големо платно.“
Проектот се реализира во соработка со „Синеплекс“ и предвидува бесплатни проекции на македонски филмови секој понеделник. Целта како што велат од Агенција за филм е македонскиот филм повторно да се врати таму каде што припаѓа – на големото платно.
Секој понеделник во 18:00 часот љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да проследат селекција од најзначајните македонски филмови во професионални киноуслови, а влезот ќе биде бесплатен по принципот „прв дојден, прв услужен“, без претходна резервација на билети, стои во соопштението.
Програмата за април започнува со „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски (6 април), кој оваа година одбележува 15 години од својата премиера, по што следуваат „Avec L’amour“ во режија на Илија Цветковски (13 април), „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска (20 април) и „Хомо“ во режија на Игор Иванов (27 април).



