По неполни шест месеци од санацијата, повторно се појави големо оштетување на патот кај Теферич. Новото свлечиште настана токму на истата локација, каде на 29ти Август минатата година почна санацијата на патот кој беше повеќе од три месеци надвор од употреба. Пукнатината на патот е толку голема, што се поставува прашањето дали воопшто е можно да се изведе нова санација или потребна е целосна реконструкција на патот, за кој надлежната општина Кисела вода засега нема предвидено буџет, бидејќи новата инвестиција за патот би чинела значително повеќе од претходната.
Затворањето на патот кај Теферич, предизвика реакции од граѓаните на социјалните мрежи, особено затоа што санацијата на патот беше спроведена пред само неколку месеци. Жителите на општина Сопиште кои го користат овој пат за дневен сообраќај со урбаната зона од Скопје се особено погодени од инфраструктураната штета и отежнатиот сообраќај на сметка на затворање на патот кај Теферич. Поради опасност од поголеми свлечишта, загриженост постои и кај населението на општина Кисела вода. Нивната загриженост е дека, свлечиштето може да донесе големи количини земја во нивните дворови, дека може да настанат натрупувања, па дури и поплави.

Фото: Радио МОФ
Удел на човечки фактор во активирање на свлечиштето на патот кај Теферич
Покрај природните фактори за настанатото свлечиште кое одвои целосно реновираниот дел од патот кај Теферич, причините за негово настанување се лоцираат и во човечкиот фактор. Неправилното одлагање на градежен шут и комунален смет, целосно ја измениле структурата на земјата, па затоа во иднина се очекуваат нови свлечишта.
Станува збор за појава позната подолг период и истата се смета за старо свлечиште кое повремено се реактивира, велат од општина Кисела Вода.
Според нив појавата на свлечиштето е предизвикана од сплет на неповолни комбинации на природен фактор – сложена геолошка градба и повремена ерозија, но и човечки фактор – поради поранешно депонирање на градежен шут.
Како непосредна причина за реактивирање на свлечиштето од општина Кисела вода се наведува подолготрајното влијание на врнежите.

Дива депонија во близина на свлешиштето кај Теферич во која доминира градежен отпад, таблата која е поставена од Општина Кисела вода е оштетена и обоена со спреј
Соодветно управување со градежен отпад
Градежниот отпад во Македонија се третира како дел од општите правила за управување со отпад утврдени со Законот за управување со отпадот („Службен весник на РСМ“ бр. 216/2021), кој ја имплементира Директивата 2008/98/ЕС на Европскиот парламент и Совет за отпад (Waste Framework Directive). Според оваа законска рамка, отпадот мора да се управува во согласност со принципите на хијерархијата на отпадот: спречување, подготовка за повторна употреба, рециклирање, други видови опоравување и на крај – отстранување.
Градежниот и рушевински отпад, како најобемна категорија создадена при изградба, реновирање или срушување објекти, вклучува материјали како бетон, тули, дрво, метал, стакло и пластика и се третира како посебен тек на отпад кој бара селекција на изворот и соодветен третман. Во согласност со принципите на законот, овој отпад не смее да се меша со комунален отпад, туку треба да се предаде на лиценцирани оператори за рециклирање или опоравување согласно законските обврски.
На ниво на Европска Унија, Waste Framework Directive (2008/98/EC) го имаат CDW (Construction and Demolition Waste) како приоритетен тек на отпад и промовираат селективно одлагање на градбени материјали и пре‑демолициски анализи за безбедно управување со опасни компоненти пред сечкање или рушење.
Дополнително, EU Construction & Demolition Waste Management Protocol дава насоки за најдобри практики за управување, вклучувајќи селекција на извор, транспарентно управување и зголемување на рециклирањето, со цел да се поддржи циркуларна економија и да се намали негативниот импакт врз животната средина.
Соодветното управување со градежен отпад значи зачувување на природни ресурси, намалување на депонирањето и зголемување на рециклираните ресурси, што е во согласност со македонските закони и европските регулативи.
Надлежност на општините во справување со несоодветно управување со отпад
- Дива депонија со градежен отпад на територија на општина Сопиште
- Поставена табла на која се изрекува забрана за фрлање на отпад на истата локација
Правилно управување со градежен отпад низ призма на човекови права
Во Македонија, активистите и граѓанските иницијативи се клучни во борбата за здрава животна средина и одговорно управување со отпадот, особено кога институциите не постапуваат согласно законската регулатива. Активистичката група (вклучувајќи ја Македонската млада адвокатска асоцијација и иницијативата „Доста е“) поднесе тужба против Општина Струга, ЈКП и Министерството за животна средина поради нелегално одлагање големи количини отпад на депонија што загадува почва, воздух и вода, што според нив ги крши правата на граѓаните за здрава животна средина. Тие побараа забрана за понатамошно депонирање и ревитализација на местото, но институциите не приведоа соодветни мерки, поради што случајот заврши пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Според официјални податоци, во Северна Македонија постојат и до 54 незаконски депонии, што ја потенцира потребата од силно спроведување на законите за управување со отпад.
Новинарски документарец „The Illegal Paths of Waste“ го истражува проблемот на илегално одлагање различни видови отпад, вклучувајќи градежен и асфалт од јавни работи, на диви депонии, и истакнува дека локалните институции не се одговорни и ретко реагираат. Активисти и локални жители се принудени да документираат вакви случаи, а инспекторите се соочуваат со политички притисоци.
Овој проблем е директно поврзан со неефикасното управување со градежниот и индустриски отпад, кој според Законот за управување со отпад („Службен весник на РСМ“ бр. 216/2021), треба да се селектира, третира и рециклира, а не да заврши на диви депонии. Законската рамка на државава е усогласена со Директивата 2008/98/EC на Европскиот парламент и Совет за отпад, која ја поставува хијерархијата на управување со отпад и бара максимално повторно користење и рециклирање.
Активистите повикуваат на континуирана и транспарентна контрола од институциите, почитување на законските обврски за селекција и третман на отпадот, како и развој на рециклажни капацитети кои ќе ја намалат загрозеноста на природната средина и здравјето на луѓето. Оваа борба не е само за пониски депонии, туку за праведен однос кон животната средина и иднината на заедницата.
Магдалена Стојмановиќ – Константинов





