ОЈО ја поздрави реакцијата на ССНМ и ЗНМ: Обвинителството ги штити човековите права и слободи и со тоа создава услови за нивно непречено остварување

Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари медиумски работници реагираа на соопштението на Основното јавно обвинителство, во кое од новинарите се бара „внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање“, а од професионалните организации се очекува „да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање“.

Реакцијата на обвинителството следува откако во јавноста се отворија прашања по неизборот на обвинителката која го водеше процесот против полицајците за случајот „Пулс“, односно дали оваа промена може да се одрази врз текот и времетраењето на постапката.

Наместо прецизно да укаже на евентуални конкретни пропусти во известувањето, ОЈО со денешното јавно соопштение генерално предупредува дека шпекулациите и невистините поврзани со предметите за кочанската трагедија можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност кај семејствата на жртвите и кај јавноста, се вели во соопштението

Од новинарските здруженија додаваат дека ваквиот повик, може негативно да се протолкува во јавноста, особено ако не е јасно наведено на кои конкретни случаи на неетичко или непрофесионално известување се однесува. Во таков контекст, пораката може да остави впечаток на обид да се стишат критичките гласови и да се ограничи јавната дебата за прашања од висок јавен интерес.

Професионалното и етичко известување е обврска на медиумите и новинарите, додека новинарските организации имаат улога да ги промовираат стандардите, да укажуваат на нивното значење и да реагираат кога тие се прекршуваат. Но, тие не можат и не треба да бидат ставени во позиција да „гарантираат“ за секоја објава или уредувачка одлука, велат тие.

На оваа реакција на новинарските здруженија, повторно реагираше ОЈО со јавно соопштение во кое се вели дека се прифаќа и поздравува реакцијата на ЗНМ и ССНМ.

Обвинителството во целост се залага за почитување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права и членот 16 од Уставот, кои ја гарантираат слободата на изразување и на објективно информирање на јавноста. Обвинителството ги штити човековите права и слободи и со тоа создава услови за нивно непречено остварување, стои во соопштението.