Британската влада започнува пилот-програма во која стотици тинејџери ќе живеат со ограничен или целосно забранет пристап до социјални мрежи, со цел да се испита влијанието врз нивното секојдневие и ментално здравје, пренесува „Тhe Guardian“.
Во рамки на експериментот, околу 300 млади од сите делови на Обединетото Кралство ќе бидат поделени во неколку групи. Дел од нив ќе имаат целосно забранет пристап до социјалните апликации, додека други ќе се соочат со ноќни ограничувања или максимум еден час дневно користење на популарни платформи како Instagram, TikTok и Snapchat. Контролна група ќе продолжи да ги користи мрежите без рестрикции, со цел да се направи споредба. Тестирањето ќе трае шест недели.
Британската министерка за технологија, Лиз Кендал, изјави дека целта е „тестирање на различни опции во реални услови“ и добивање конкретни докази за идни политики. Оваа иницијатива се спроведува паралелно со национална консултација за тоа дали треба да се воведе целосна забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години.
Покрај пилот-програмата, ќе се реализира и големо научно истражување, финансирано од Wellcome Trust, кое ќе опфати околу 4.000 ученици на возраст од 12 до 15 години. Истражувањето ќе ги анализира ефектите од намаленото користење социјални мрежи врз анксиозноста, квалитетот на сонот, односите со семејството и пријателите, самодовербата, како и појавата на врсничко насилство и отсуства од училиште.
Во меѓувреме, британските пратеници отворија и посебна истрага за влијанието на дигиталните уреди врз развојот на детскиот мозок. Се разгледува дали постојните научни докази се доволни за носење конкретни законски решенија.
Иницијативата доаѓа во време на зголемен притисок врз владата да го следи примерот на Австралија, која веќе воведе забрана за социјални мрежи за малолетници. Слични мерки се разгледуваат и во Франција, Шпанија и Индонезија.
Извор: The Guardian