По повод 27 март – Светскиот ден на театарот, во рамки на рубриката „Старо–Нова Македонија“, се навраќаме на формирањето на првиот македонски институционален театар. Македонскиот народен театар претставува еден од темелите на македонската култура, а самиот факт дека е основан со Одлука на Президиумот на АСНОМ од 31 јануари 1945 година, доволно говори за важноста што ја имал во однос на новата држава.

Во своите рани години, Театарот играл значајна улога во новото општество, како простор каде што за првпат претставите биле изведувани на македонски јазик – но и како простор за културна афирмација и еманципација на народот. Тој, меѓу другото, произлегува од длабоката потреба на народот – како продолжение на борбата, но овојпат изразена преку театарската уметност.


Особено значаен момент во таа насока претставува првата премиера – лирската трочинка „Платон Кречет“, по текст на украинскиот драматург Александар Корнејчук, која на сцената на театарот за првпат била изведена на 3 април 1945 година. Режисер на претставата бил Димитар Ќостаров, главната улога му била доверена на истакнатиот актер Илија Милчин, а важно е да се напомене дека преводот на текстот го напишал македонскиот академик Блаже Конески. Како симболичен почеток на една нова културна ера останува и првата изговорена реплика на сцената – „Сонцето, далеку е сонцето“, изговорена од актерката Вера Вучкова. Со тие зборови не започнува само една претстава, туку и една долга и значајна традиција на македонскиот театар, која и децении подоцна продолжува да живее и да се развива.
Радио МОФ ја реализира рубриката ,,Старо-Новa Македонија” во чест на триесет и пет годишнината од независноста на државата, со цел преку архивски страници на првиот дневен весник ,,Нова Македонија” да дадеме увид во процесот на создавање и развој на македонската држава.



