Скопје деновиве е домаќин на регионалната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, која обединува министри, универзитетски лидери, експерти и претставници на индустријата. Целта на настанот е трансформација на високото образование преку интернационализација и креирање нови политики што ќе одговорат на современите предизвици.
Конференцијата се одржува со поддршка на Regional Cooperation Council и World Bank и има за цел да отвори нова фаза на реформи во образовните системи во регионот.
Образование за задржување на младите
Во услови на иселување и недостиг на квалификуван кадар, фокусот е ставен на трансформација на „одливот на мозоци“ во „циркулација на таленти“, велат од организацијата. Овој концепт подразбира создавање услови студентите и истражувачите да се образуваат и стекнуваат искуство во странство, но и да се враќаат, носејќи нови знаења и вештини.
Преку министерски тркалезни маси, панел-дискусии и интерактивни сесии, учесниците работат на конкретни решенија за подобрување на мобилноста, развој на дигитални и STEM-вештини, унапредување на квалитетот на високото образование и негово поврзување со пазарот на труд. Крајната цел е изработка на регионална „патна карта“ за идните реформи, додаваат тие.
Интернационализацијата се гледа како клучен механизам за приближување кон европските стандарди и зајакнување на конкурентноста на универзитетите. Таа вклучува студентски размени, заеднички студиски програми и научни партнерства, со што се отвораат нови можности за младите и се поттикнува економскиот развој.
Посебен акцент како што велат е ставен и на регионалната соработка, како одговор на заедничките предизвици – демографски пад, недостиг на кадар и потреба од модернизација. Преку размена на искуства и добри практики, се создаваат услови за посилни партнерства меѓу универзитетите, институциите и бизнис-секторот.



