Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираше на однесувањето на новинарот Невриј Адеми за време на прес-конференцијата на министерката за образование и наука Весна Јаневска во Тетово, оценувајќи дека случајот отвори значајна јавна дебата за професионалните стандарди во новинарството.
Од Советот потенцираат дека правото на новинарите слободно да поставуваат прашања и да известуваат критички е неотуѓиво и суштинско за едно демократско општество, но истовремено подразбира и обврска за почитување на етичките и професионалните норми.
„Начинот на комуникација и тонот на обраќање во конкретниот случај не соодветствуваат со принципите на достоинствен и професионален јавен дискурс“, наведуваат од Советот, повикувајќи се на член 15 од Кодексот на новинарите, кој налага негување култура на говор и етика во комуникацијата.
Според нив, ваквите случаи не придонесуваат за градење доверба во медиумите, ниту за унапредување на јавниот дијалог. Оттаму упатуваат апел до новинарите и медиумските работници да се придржуваат до највисоките професионални стандарди и да придонесуваат кон взаемна почит во јавниот простор.
Воедно, Советот нагласува дека почитта во односите меѓу институциите и медиумите треба да биде двонасочна, при што институциите имаат обврска да обезбедат услови за непречена и професионална работа на новинарите.
Од ЗНМ апелираат случајот да не се користи за дневнополитички цели или за поттикнување етнички тензии, нагласувајќи дека ќе продолжат внимателно да ги следат ваквите ситуации и да реагираат во насока на заштита на етичките стандарди во новинарството.



