Хормонот на задоволство и намалување на болката се лачи при конзумирање лута храна

Хормоните во нашиот мозок секојдневно влијаат врз расположението, енергијата и чувството на задоволство. Најважни меѓу нив се допамин, серотонин, ендорфин и окситоцин, пишува National Geographic.

Хормоните како регулатори на емоциите

Допаминот често се нарекува „хормон на задоволството“, но неговата главна улога е мотивацијата и чувството на награда. Секојпат кога ќе постигнеме цел или ќе завршиме задача, тој се ослободува и нè поттикнува да продолжиме напред. Ниски нивоа на допамин може да доведат до недостаток на енергија и губење волја.

Серотонинот е поврзан со стабилно расположение, чувство на мир и сигурност. Тој не создава еуфорија, туку дава чувство дека сè е во ред. Исто така, има силно влијание врз сонот, апетитот и менталното здравје. Негов недостаток често се поврзува со анксиозност и депресија.

Ендорфините помагаат во намалување на болката и создаваат чувство на задоволство. Се ослободуваат при смеење, физичка активност или силни емоции. Затоа и се вели дека смеењето е најдобар лек. Интересно е што нивното лачење го поттикнуваат и чоколадото, кафето и лутата храна.

Окситоцинот е хормон на поврзаноста, довербата и блискоста. Се лачи при допир, прегратка и време поминато со саканите, создавајќи чувство на сигурност и топлина.

Овие хормони не влијаат само на расположението, туку и на здравјето. Го зајакнуваат имунитетот, го подобруваат сонот и го намалуваат стресот. Природно може да се поттикнат преку престој на сонце, лесна физичка активност и квалитетно време со блиските луѓе.