(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Расцутено Скопје го најави доаѓањето на пролетта

Денеска е првиот календарски ден од пролетта и првата рамноденица во 2026 година. Денеска денот и ноќта ќе траат еднакво. Флората низ Скопје веќе почна да се „буди“ најавувајќи го доаѓањето на пролетта.

Низ градинките и училиштата во Македонија, Денот на пролетта и екологијата се обележува со различни активности. Иако годинава, 21ви Март е неработен, ден од продолжението викенд, со низа активности пред неработните денови децата од предучилишните и училишните установи во Македонија го обележаа Денот на екологијата.

Садење на стебла, собирање отпад, конкурси за најдобри цртежи во кои се поттикнува еколошката свест, поезија во чест на пролетта и планетата Земја, се дел од активностите кои се организираат во рамките на едукативниот процес.

 

Покрај образовните институции, активности за унапредување на екологијата преземаат и единиците на локалната самоуправа. Град Скопје организираше „пролетно“ чистење на улиците низ Скопје. Ј.П Комунална хигиена го отстрануваа отпадот од улиците, Ј.П Водовод направи генерално миење на улиците и тротоарите, а беа искосени и неколку зелени површини и паркови од страна на Ј.П Паркови и зеленило.

Граѓаните велат дека акцијата е симболична и во пресрет на обележување на Денот на пролетта и екологијата, но дека грижата за чистотата на градот, треба да биде континуирана и заедничка обврска на совесните граѓани и надлежните институции за одржување на редот и чистотота.

Фото галерија од Скопје на првиот ден од пролетта

 

Магдалена С. Константинов