Холандската поетеса Анеке Брасинга добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026

Советот на Струшките вечери на поезијата ја додели престижната награда „Златен венец“ за 2026 година на холандската поетеса Анеке Брасинга, за нејзиното севкупно поетско творештво и значајниот придонес во современата европска и светска поезија.

Анеке Брасинга се истакнува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и силна имагинативна енергија. Нејзиниот поетски јазик е густ, барокно разигран, полн со неочекувани зборовни споеви, неологизми и звучни асоцијации, кои се спојуваат со филозофска длабочина и суптилна иронија, создавајќи уникатна поетска атмосфера. Критичарите ја опишуваат како „магионичар на јазикот“, која ја истражува границата меѓу значењето и звучноста на зборот, стои во одлуката на Советот.

Се наведува и дека нејзиното творештво вклучува мотиви на природата, љубовта, кревкоста на убавината и ранливоста на јазикот, како и длабоки егзистенцијални прашања за човековата судбина, меморијата и времето.

Поезијата на Брасинга се движи меѓу реалното и надреалното, создавајќи свет каде се судираат духовното и материјалното, интимното искуство и универзалните теми на човечкото постоење. Со својот оригинален глас, јазична храброст и длабочина на мислата, Брасинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и влијателни европски поетски гласови. Нејзиното дело ја проширува можноста на поетскиот јазик и ја потврдува поезијата како простор на слобода, имагинација и духовно истражување.велат од Советот на Струшките вечери на поезијата

Со „Златниот венец“ за 2026 година, Струшките вечери на поезијата ја изразуваат својата почит кон Анеке Брасинга и нејзиниот траен придонес во современата светска поезија.