Денеска од печат излегува новата збирка раскази „Ништо нормално“ од Симона Јованоска, во издание на Или-Или. Станува збор за книга број 244 во популарната едиција ПРОаЗА, со дизајн на корицата од Соња Станковска.
По два романа и една книга за деца, Јованоска повторно се враќа на жанрот што мајсторски го владее – расказите, велат од ИЛИ-ИЛИ.
Во фокусот на дваесетината раскази е „малиот човек“, а книгата нуди специфично книжевно патување низ различните лица, маски и внатрешни светови на човекот. Преку силна имагинација и внимателно изградени ликови, авторката навлегува во желбите, стравовите и несигурностите, постојано преиспитувајќи го значењето на поимот „нормално“, посочува издавачката куќа.
Според Наташа Атанасова, расказите „умешно пипкаат секаде каде што нè боли – и како поединци, и како општество“.
Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. Досега има објавено неколку значајни дела, меѓу кои и збирката „Ги најдов во длабокото“ (2015), романот „Денот на црвот“, кој ја доби наградата „Роман на годината“ од Фондација Славко Јаневски, како и книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“. Во 2024 година го објави и својот втор роман „Леска Брезоска“.
Со „Ништо нормално“, Јованоска уште еднаш го потврдува својот препознатлив стил и интересот за длабинско истражување на човековата природа, потенцира издавачот.



