Правна помош за граѓаните пред јавната расправа за еколошката дозвола на Титан Усје

Македонското здружение на млади правници обезбедува правна помош и поддршка на граѓани и заедници во постапки поврзани со заштита на животната средина, вклучително и во постапките за издавање на А-интегрирани еколошки дозволи. Од здружението ги повикуваат граѓаните и граѓанските здруженија на кои им треба правна помош и поддршка во процесот на учество во јавната расправа за А интегрираните дозволи, да се обратат во здружението.

Реакцијата на Здружението на млади правници следува откако, Министерството за животна средина и просторно планирање најави дека ќе организира јавна расправа за одобрување на нова А интегрирана еколошка дозвола по барање на „Титан Усје“. Минатата недела пред Министерството за животна средина и просторно планирање, претставници од иницијативата „Стоп за Усје“ организираа герила-акција и побараа од Министерството активно учество во вистинската јавна расправа што треба да се одржи.
Тие порачаа дека досегашната дозвола од 2020 година дозволувала повисоки емисии отколку што имаат цементарите на Титан во други европски земји. По одлуката на надлежното Министерство доколку се издаде А интегрирана еколошка дозвола на „Титан Усје“ таа ќе важи наредните седум години, што според активистите од „Стоп за Усје“ е долг временски период во кој ќе се овозможи работење по веќе воспоставената пракса, што согласно нивните наводи го загрозува здравјето на граѓаните.

Фото: Радио МОФ

Од „Титан Усје“ минатата недела се огласија со соопштение до медиумите во кое открија дека го поднеле барањето за продолжување на А интегрираната еко дозвола до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Согласно законските рокови, ТИТАН Усје ја поднесе апликацијата за продолжување на А – интегрираната еколошка дозвола до Министерството за животна средина и просторно планирање. При подготовката на апликацијата за продолжување на дозволата, компанијата во целост ги следи обврските и условите што произлегуваат од законските и подзаконските акти и соработува со сите надлежните институции, стои во соопштението.

„Стоп за Усје“ обвинија дека Титан Усје купува мир со институции и медиуми 

Иницијативата „Стоп за Усје“ во текот на вчерашниот ден излезе со соопштение до јавноста во кое посочи дека „Титан Усје“ троши средства во наводни „зелени и еколошки“ инвестиции чија цел не е подобрување на животната средина, туку купување на мир со институциите и финансирање на медиумите со цел нивно замолчување.

 

Кога големи загадувачи зборуваат за „одржливост“, садат дрвја, донираат за училишта и организираат „еко акции“, тоа често изгледа како грижа за заедницата. Но ако во исто време загадувањето продолжува тоа не е решение. Тоа е PR, се вели во објавата.

 

Од „Титан Усје“ за Радио МОФ претходно истакнаа дека тие се општествено одговорна компанија, која одвојува средства за унапредување на животната средина и зелените површини.

-Идејата дека фабриката треба да се дислоцира за нас е неприфатлива. Што треба да се случи на овој простор, дали треба да имаме уште една „Стаклара“ во Скопје. Малку се обрнува внимание и на тоа дека ние сме една од најважните компании за македонската економија, работиме само со материјали од македонски производители со што го поттикнуваме растот на економијата и финансиската благосостојба на луѓето, истакна д-р Наташа Бакреска, менаџерка за животна средина и алтернативни горива.

Таа го потенцираше и аспектот на општествено одговорна компанија и вели дека лично може да гарантира дека Цементарницата на Титан Усје во Скопје работи според истите стандарди како сите други фабрики на групацијата Титан низ светот.

Каде е државата во спорот помеѓу „Стоп за Усје“ и „Титан Усје“?

На официјалната страна на „Титан Усје“ во Македонија, достапни се јавни годишни извештаи, во 2024 година компанијата издвоила околу 675.000 евра за маркетинг услуги која ставка опфаќа: реклами, медиуми, маркетинг и продажни активности.