На 15 декември 1944 година, во Скопје се одржала првата национална конференција на Антифашистичкиот фронт на жената во Македонија, масовно женско движење и политичка организација основана за време на Втората светска војна (6 декември 1942) во Босански Петровац. Целта на движењето била борба против фашизмот, еманципација на жените во Југославија и нивно рамноправно учество во рамки на новата народна власт.

Првиот локален одбор на АФЖ во Македонија бил формиран во 1943 година во Кавадарци, а до самото одржување на конференцијата, вакви одбори биле формирани на територијата на целата држава.
На конститутивната седница, која се одржала во киното ,,Уранија” присутвувале 400 делегатки и делегати од целата Република и од регионот, а на истата биле избрани: Главен одбор на АФЖ на чело со Мара Нацева, која била истакната македонска комунистка и учесник во НОб, потоа Извршен одбор и Пленум.
За прва секретарка на АФЖ на Македонија била избрана Веселинка Малинска, една од најистакнатите личности на движењето, македонска комунистка, учесник во НОВ, АСНОМ и носител на партизанска споменица. Таа воедно била и уредничка на првиот женски весник ,,Македонка”, како орган на АФЖ, кој за првпат бил издаден во ноември 1944 година, а по војната извршувала низа на важни политички функции.
Конференцијата претставува круна на целокупната борба на жените во рамки на народноослобидеталната војна и важен сегмент во градењето на новата држава, во која на сите граѓани им се гарантирале еднакви права и можности.
*Радио МОФ ја реализира рубриката ,,Старо-Новa Македонија” во чест на триесет и пет годишнината од независноста на државата, со цел преку архивски страници на првиот дневен весник ,,Нова Македонија” да дадеме увид во процесот на создавање и развој на македонската држава.



