Скопје ЗОО го слави првиот роденден на гибончето Мики

Во Скопје ЗОО на 19 март (четврток) со почеток во 12:00 часот ќе се одбележи првиот роденден на малиот гибон Мики. Настанот ќе се одржи на летниковецот пред мајмунарата и е отворен за посетителите.

Мики како бебе бил отфрлен од мајката и се соочил со сериозни здравствени проблеми, по што неговиот опстанок зависел од постојана грижа. За него 24 часа се грижела зоонегувателката Зера, со поддршка од тимот во зоолошката градина, известуваат од Зоолошката градинка.

Од установата информираат дека по третманот и рехабилитацијата, Мики денес е во добра здравствена состојба, ресоцијализиран и живее со својата сестра Делфина.

Со настанот, од Зоолошката градина имаат цел да ја споделат приказната за неговото закрепнување, но и да ја подигнат свеста за заштитата на гибоните како загрозен вид, како и за тоа дека мајмуните не се соодветни како домашни миленици.