Овој настан ми отвора носталгични спомени би рекол. Пред скоро четврт век, јас седев тука беше Бранко Тричковски беше главен уредник на „Утрински весник“ до него беше Петре М. Андреевски претседателот на првата жири комисија за „Роман на годината“ и до него Слободан Мицковиќ, првиот лауреат за романот „Куќата на Мазарена“. Сега го имам тоа чувство дека како „Роман на годината“ да се враќа повторно дома, истакна Ѕвездан Георгиевски, член на жири комисијата која ја донесе одлуката, овогодинешниот лаурат за „Роман на годината“ да биде романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска.
Оваа година 46 наслови конкурираа за престижната книжевна награда „Роман на годината“ која се организира под покровителство на фондацијата „Славко Јаневски“, во соработка со Друштвото на писатели на Македонија и со финансиска поддршка од А.Д. Комерцијална банка и Министерството за култура и туризам.

Претставник на А.Д. Комерцијална банка Андреј Јовковски, беше присутен на настанот како претставник на главниот покровител во знак на поддршка за реализирање на овогодинешниот престижен книжевен настан.
Роман на годината е несоменено трофеј за македонските литературни дејци се остварува пред се благодарение на ентузијазмот и трудот на Фондацијата „Славко Јаневски“ и се разбира на поддршката на Комерцијална банка, истакна тој.
Претседателката на жири комисијата, Калина Малеска, минатогодишната добитничка на наградата „Роман на годината“ истакна дека во процесот на одлучување за овогодинешниот лауреат, биле одржани пет состаноци, а во финалето за наградата освен наградениот роман „Три Марии“, влегле и романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски, „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски, „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска, „Фобос: Деконструиран роман“ од Соња Станковска и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ.

„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска е мајсторски напишан роман во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната. Во трите приказни, од кои е составен романот има по една Марија, како главен лик, а лајт мотивот што се протега низ книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките, вели Калина Малевска.
Добитлничката на наградата Ќорвезироска, истакна дека, не знае што би се случило доколку оваа награда ја добила на 35 години, но истакнува дека таа треба да е поттик за младите писатели да творат во насока на сопствен развој и да бидат што е можно пооргинални.

Романот на годината за 2025 година беше избран со тајно гласање и со мнозинство гласови на последниот одржан состанок на жири комисијата во состав на Калина Малеска, Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева.



