По повод Меѓународниот ден на жената, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Женската медиумска мрежа „Еднаква“ ја истакнаа улогата на новинарките во одбраната на јавниот интерес и ја нагласија потребата од поголема родова еднаквост во медиумската индустрија.
Во соопштението тие информираат дека новинарките и медиумските работнички во Македонија се приклучуваат на меѓународната кампања на Меѓународната федерација на новинари под мотото „Тие сепак известуваат, не можете да ги замолчите“, со која се испраќа порака за поддршка и заштита на жените во медиумите.
Од ССНМ и „Еднаква“ нагласуваат дека и покрај бројните предизвици, новинарките продолжуваат одговорно да ја информираат јавноста и да работат во интерес на вистината.
Во пораката по повод 8 Март се потенцира важноста на сите жени кои работат во медиумската индустрија – новинарки, снимателки, монтажерки, лекторки и други професионалки кои придонесуваат во информирањето на јавноста. Тие често се соочуваат со закани, притисоци, навреди и заплашувања, но и покрај тоа продолжуваат да ја извршуваат својата професионална задача.
ССНМ, Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и Меѓународната федерација на новинарите воедно бараат правда за сите новинарки кои биле мета на притисоци и напади поради нивната работа.



