Со транспаренти „Од Скопје до борба без граници“, „Повеќе ќе те сакам ако си со мене на марш“, „Ниту една повеќе“ и „Здраво, колку букети ви е животот“, граѓани и граѓанки денеска излегоа на традиционалниот марш по повод Меѓународниот ден на жената, испраќајќи силна порака за унапредување на правата на жените и поголема општествена еднаквост.
Маршот се одржа во Скопје, каде со масовно присуство учесниците порачаа дека борбата за родова еднаквост не смее да биде симболична и ограничена само на еден ден во годината. Според нив, вистинско и правично општество е возможно само доколку правата на жените се унапредуваат системски и континуирано.
Учесниците нагласија дека празничните честитки и симболичните гестови не се доволни, доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и дискриминацијата. Дел од транспарентите упатуваа и пораки за солидарност, поддршка и заедничка борба за подобри услови за живот и работа на жените.
Маршот помина во мирна атмосфера, а присутните повикаа институциите, но и целото општество, активно да се вклучат во создавање поправедна и похумана средина. Според нив, еднаквите права и можности за жените се основен предуслов за демократски развој и за напредок на општеството.



