Националните напори оброците во училиштата и јавните мензи да бидат поздрави и поодржливи често вклучуваат и намалување на количината месо во менито – промена која неретко предизвикува политички реакции.
Ова прашање повторно се најде во фокусот во Брисел, каде европскиот комесар за земјоделство Кристоф Хансен и потпретседателот на Европската комисија за просперитет Стефан Сежурне организираа „Дијалог за храната“ со претставници од прехранбениот синџир. Целта на разговорите е да се разгледа како правилата за јавни набавки можат да ги насочат јавните кујни кон локална и поодржлива храна.
Иницијативата е дел од претстојната реформа на правилата на Европската унија за јавни набавки, која се очекува до летото. Хансен минатата година најави дека ќе предложи поттик за јавните институции да даваат предност на локални, квалитетни и органски производи.
Слични политики веќе се применуваат во повеќе земји од ЕУ. Во Данска уште во 2012 година беше покрената стратегија за зголемување на органската храна во јавните кујни, додека Португалија од 2017 година наложува секоја јавна менза секојдневно да нуди и вегетаријанска опција. Словенија неодамна започна проект со кој сака 30 проценти од храната во јавните институции да биде локално произведена, а Полска воведе обврска училиштата најмалку еднаш неделно да служат вегетаријански оброк.
Пример за ваков пристап е француското место Муан-Сарту, каде од 2012 година во училишните мензи се служи исклучиво органска храна од локални фарми. Со намалување на потрошувачката на месо и на фрлањето храна, општината успеала да ги задржи истите трошоци за родителите.
Сепак, намалувањето на месото останува најконтроверзниот дел од овие политики. Поддржувачите велат дека тоа е добро за здравјето и буџетот, додека критичарите предупредуваат дека за некои деца, особено од посиромашни семејства, училишните оброци се единствениот извор на животински протеини.
Извор: Euractiv / Freepik



