Во Собранието денеска се одржа работилница на Младиот франкофонски парламент со наслов „Имам став!“, на која средношколци дебатираа на повеќе актуелни општествени теми.
На настанот учествуваа ученици од средни училишта од Скопје, Неготино, Битола, Тетово и Куманово, кои преку симулација на парламентарна расправа дискутираа за врсничкото насилство, феноменот на лажните вести и младинската невработеност. Дебатите се одвиваа на француски јазик, со цел да се поттикне поголема промоција на францускиот јазик и култура и неговата поширока употреба во општествениот и политичкиот живот во земјата.
Работилницата ја модерираше претседателката на Секцијата на Собранието во Парламентарното собрание на Франкофонијата, пратеничката Иванка Василевска. На присутните им се обратија и претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорот на Франција Кристоф ле Риголер и амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер.
Во своето обраќање, претседателот Гаши нагласи дека ваквите активности се важни затоа што преку негувањето на францускиот јазик се создаваат мостови на пријателство, но и се поттикнува развојот на критичка мисла кај младите. Тој додаде дека Собранието, како асоцијативна членка на Парламентарното собрание на Франкофонијата, активно ги негува вредностите на франкофонската заедница.
Пратеничката Василевска истакна дека е особено задоволна што во Собранието се присутни средношколци од повеќе градови кои не само што го покажуваат своето познавање на францускиот јазик, туку и дебатираат за значајни општествени прашања.
Амбасадорот на Франција, Кристоф ле Риголер, се заблагодари за континуитетот на оваа иницијатива и го истакна значењето на способноста да се прифати различно мислење како основа на здраво демократско општество.
По завршувањето на работилницата, учениците добија сертификати како признание за нивното учество и ангажман.



