Реакции и забелешки за Предлог-законот за високо образование: Од нереални критериуми до структурна нееднаквост

Предложените измени во Законот за високо образование отворија сериозна дебата во академската и студентската јавност. Дел од организациите и универзитетските професори предупредуваат дека новото законско решение не носи доволно суштински подобрувања и дека во неколку сегменти дури може да ја ослабне позицијата на студентите и младите истражувачи во системот.

Младинскиот образовен форум (МОФ), кој речиси три децении работи на унапредување на образовните политики и студентските права, објави анализа на предложениот закон изработена врз основа на консултации со студенти и млади академци. Од организацијата оценуваат дека текстот содржи повеќе концепциски и структурни недостатоци.

„Генералниот заклучок е дека предлог-законот не соодветствува со потребите на студентите и не носи вистинска модернизација на системот“, наведуваат од МОФ.

Според нив, делови од законот се формулирани јасно и прецизно, но во други членови се забележува различен стил и терминологија, што упатува на недостиг од интегрирана редакција на текстот и може да создаде простор за различни толкувања во практичната примена.

Младинскиот образовен форум (МОФ), како организација која скоро 27 години работи на промовирање и заштита на правата на младите во образованието, внимателно го анализираше Предлог-законот за високо образование.

„Во рамки на процесот на анализа на предлог законското решение, МОФ ги консултира своите членови – студенти и млади професионалци од различни универзитети, и ги акумулираше нивните забелешки. Овие реакции претставуваат глас на младите кои директно ќе ги чувствуваат ефектите од законот.“, стои во соопштението на МОФ.

МОФ го изнесе генералниот заклучок: „Самиот текст на предлог‑законот не соодветствува со потребите на студентите и не е современ, дополнително стилски и структурно неусогласен и некохерентен. Одредени делови се јасно формулирани, додека други користат различен тон и суштина, што упатува на недостиг од интегрирана редакција.“

За интердисциплинарноста во законското решение, МОФ наведува: „Терминот „интердисциплинарност“ се споменува во неколку членови (24, 29, 125, 133), но контекстот во кој се споменува, не е насочен како стимул за развој на интердисциплинарни студиски програми.“

Во однос на пристапноста на лицата со попреченост, МОФ истакнува: „Предлогот не го гарантира правото на пристапност и адаптација на условите за студирање на лица со попреченост и не нуди јасни механизми за реализација на таква поддршка. Законските решенија мора да вклучат одредби за физичка пристапност (рампи, прилагодени тоалети), академски приспособувања и финансиска поддршка за ранливите групи. Доколку ваквата регулација се остава на слободна волја на интерните акти на универзитетите, се отвораат голем број на можности за дискриминација на ранливите групи.“

МОФ исто така го критикува учеството на студентите во управните тела: „Студентите, преку Универзитетското студентско тело дефинирано во членот 86, остануваат маргинализирани. Предложениот закон во ова тело предвидува учество на само 1 (со зборови еден) студент од 11 членови на телото, од кои поголем дел се владини претставници. Тој еден студент, претставува само 9 % учество во управувањето. Сметаме дека студентите како носители на процесите, заслужуваат поголемо влијание во органите на универзитетите, особено во однос на тела од кои произлегуваат одлуки за програмите, буџетите на универзитетите.“

Во делот за здравствената поддршка, МОФ наведува: „Членот 28 предвидува бесплатна и професионална поддршка за физичко и ментално здравје на студентите, но предлог-законот не ја дефинира формата, начинот ниту одговорноста за нејзина реализација.“

За финансирањето и одржливоста на кампусите, МОФ истакнува: „Членот 110 предвидува кои се тематските приоритети на финансирање на академската средина, меѓу кои не се наведени средства за зелени политики, како што се енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, управување со отпад и развој на одржливи кампуси.“

Во врска со продажбата на учебници, МОФ посочува: „Во членот 112 се наведени сите извори на финансирање на високообразовните установи, но изостанува продажбата на учебници. Сметаме дека со регулирање на продажбата на учебниците, се намалува сивата економија, можноста за корупција во академската средина, и истата влијае кон подобрување на квалитетот на учебниците и стандардизација на цените.“

МОФ ја критикува и суспензијата на мерките против непотизам: „Од предлог-законското решение се избришани одредбите кои го оневозможуваат непотизмот при вработувањето на универзитетите, одредби кои стојат во постоечкиот закон, што отвора простор за корупција при вработување на универзитетите.“

За академските титули и напредокот на млади кадри: „Членот 175 е во колизија со декларативните напори на министерството за прекин на вечните академски титули и долготрајноста на академските звања. Особено во ситуација во која млади кадри чекаат вработување на факултети, клаузули кои овозможуваат професори во пензија да продолжат со предавања, се директен импулс за разочарување на младите. Разочарување кое во краен степен, придонесува кон иселување на младите.“

МОФ потенцира и за дигитализацијата и новите технологии: „Предложениот текст укажува дека пропушта да го искористи потенцијалот за целосна или парцијална дигитализација на студирањето. Дополнително што во целиот закон не се ни искористени зборовите „вештачка интелигенција“, што претставува еден огромен сегмент на модернизација на новото секојдневие, нерегулиран во законот.“

За академската автономија, МОФ предупредува: „Присутна е сериозна контрадикторност која ја тангира академската автономија. Членовите 198, 199, 200 и 201 се во колизија со принципите на автономија утврдени во член 13, со што се отвора простор за прекумерна државна контрола и политичко влијание. Ова претставува директен упад во автономијата на универзитетите. Контролата над квалитетот треба да се регулира преку Агенцијата за квалитет (уредена во друг закон). Универзитетите императивно треба да уживаат слобода и автономија, со прецизно дефинирани надлежности на државните органи и механизми за одговорност кои не ја рушат истата.“

МОФ ја потврдува поддршката за реформата, со услов да се интегрираат препораките: „Младинскиот образовен форум препознава дека потребата за нов закон е реална и ја поддржува насоката кон подобро и поквалитетно високо образование. Сепак, неопходно е да се упати апел дека предложениот текст потребно е да биде темелно редактиран, да се интегрираат препораките од јавноста и да се воведат механизми кои ќе обезбедат инклузивно, транспарентно и одржливо високо образование. Само така реформата вистински ќе ги рефлектира потребите на младите и ќе создаде услови за вистински универзитети конкурентни на светско ниво.“

Студентско учество и пристапност

Една од главните забелешки се однесува на ограниченото учество на студентите во телата на универзитетското управување. Во членот 86, кој го дефинира Универзитетското студентско тело, е предвиден само еден студентски претставник од вкупно 11 членови.

„Ова значи дека студентите имаат околу девет проценти учество во телото што носи важни одлуки, што не обезбедува реално влијание во управувањето со универзитетите“, предупредуваат од МОФ.

Организацијата посочува и на недоволно разработени механизми за еднаков пристап до високо образование за лицата со попреченост. Според нив, прашањата за физичка и академска пристапност во голема мера се препуштени на интерни акти на универзитетите, наместо да бидат јасно уредени со закон.

Потреба од поширока јавна дебата

Во реакциите од студентските организации и академската јавност се истакнува дека потребата од нов закон за високо образование е реална, но дека предложениот текст треба сериозно да се преиспита.

„Реформите во високото образование мора да бидат резултат на широка јавна дебата и да ги одразуваат реалните потреби на студентите, професорите и истражувачите“, посочуваат од МОФ.

Според нив, без суштински измени и подобра институционална поддршка за научната работа, студентското учество и академската транспарентност, новото законско решение ризикува да не ги реши клучните проблеми на системот, туку само да ги пренесе во следниот период.

Доцентот по политички науки, Јован Близнаковски, при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, оцени дека пакетот закони не носи суштински подобрувања и создава структурни нееднаквости:

„Пакетот закони за високо образование и наука е големо разочарување — суштински не менува ништо во добра насока. Нашите универзитети паѓаат на меѓународните рангирања, а наместо министерството да тргне од таа реалност, од задолжителната проценка на влијанието на регулативата се гледа дека не е направена сериозна анализа на состојбата ниту се погледнати успешни модели во светски рамки. Условите за научна работа и академска настава не се подобруваат — ресурси за истражување и настава, поддршка за учество во меѓународни иницијативи, како и меѓународни научни собири и конференции, што е типичниот пат за зајакнување на науката и наставата каде било во светот, кај нас остануваат далеку зад она што го имаат колегите дури и во регионот.


Критериумите за академски напредок (кој е мотивација за научниците) пак се поставени нереално високо — не сум против стимулација на кадарот кон највисоки научни дострели, напротив, но без услови за нивно исполнување тие стануваат бесмислени. Уште полошо, министерството ги заштитува само редовните професори од новите критериуми, создавајќи структурна нееднаквост која не е резултат на заслуги, а младиот кадар го условува да објавува во само една база на една компанија — ограничување кое не постои во ниедна сериозна академска средина. За младите луѓе, односно студентите, ова директно значи помалку квалитетни професори, помалку ментори и настава која уште повеќе ќе заостанува.

Студентите, пак, посочуваат сериозни недостатоци во делот на студентското организирање и избор на студентски претставници. Димитар Георгиев, студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, детално ја образложува својата критика, вклучувајќи изборот на студентски правобранител, продолжување на мандатите и финансирање:

„Имајќи ја предвид значајноста на позицијата студентски правобранител, предвиденото мнозинство за избор и разрешување претставува пренизок праг (чл. 32 ст. 2). Сметам дека квалификувано мнозинство (две третини од вкупниот број членови) е соодветно за избор на студентски правобранител. Во Нацрт-предлогот изречно е пропишано мнозинството потребно за избор и разрешување на студентскиот правобранител, додека за заменик студентскиот правобранител само пишува дека: „На секоја единица на универзитетот, се избира заменик студентски правобранител, кој го избира факултетската студентска организација од редот на редовните студенти.“ (чл. 32, ст. 3). Сметам дека во однос на мнозинството потребно за избор и разрешување на заменик студентски правобранител треба да се примени истото мнозинство како за студентски правобранител и дека тоа треба изречно да биде наведено во текстот. Можноста за кандидирање за студентски и заменик студентски правобранител треба да биде отворена за сите студенти. Од овој аспект, не знам зошто се брише обврската за објавување на конкурс за пријавување пропишана во важечкиот Закон. Сметам дека оваа обврска треба да биде изречно пропишана со цел да не се остави простор да не им се даде еднаква шанса да се кандидираат сите студенти кој ги исполнува условите за пријавување.“

„Небулозни се ставот 2 од членот 35, ставот 7 од членот 37, ставот 8 од членот 38 кои зборот: „статут“ го заменуваат со зборот: „правилник“. Основните принципи треба да бидат содржани во еден централен документ. Распарчување на темелните прашања во повеќе правилници создава конфузија, преклопувања и правна несигурност. Дополнително, статутот треба да се носи со построга процедура и потешко да се менува за да се обезбедува стабилност на основните правила. Предлагам статутите да се носат со двотретинско мнозинство по претходно спроведена јавна расправа на која ќе им биде овозможено на студентите да го дадат своето мислење за предложениот текст.“

„Продолжувањето на мандатите на членовите и претседателот на студентските собранија од една година на две години со право на уште еден реизбор ќе резултира со феноменот „вечни студентски претставници“. Имено, најголемиот дел од студиските програми на прв циклус студии траат четири години. Имајќи предвид дека најголемиот дел од студентите не продолжуваат на втор и трет циклус студии, заклучокот е дека, за најголемиот дел студенти, еден „студентски век“ трае само четири години. Со овие измени се овозможува еден студент да биде претставник цел или, во најмала рака, пола „студентски век“. Ова несомнено ќе резултира со понеотчетни и понеодговорни претставници. Законот на сила пропишува дека мандатите на членовите и претседателот на студентските собранија траат една година со право на уште еден избор (чл. 36 ст. 5 и чл. 37 ст. 4). Ова е соодветно решение бидејќи се дава можност на студентите во разумен рок да изберат нов претставник доколку не се задоволни од актуелниот…“

„Ставот 5 од членот 37 од Законот на сила гласи: „Изборот на членовите и на претседателот на факултетското студентско собрание се одржува секоја година во термин утврден со статутот на универзитетското студентско собрание.“. Ова е несоодветно решение бидејќи остава простор да има правна празнина…“

„Со Нацрт-предлогот се одзема правото на деканот на факултетот да именува наставници, односно соработници во изборната комисија. Овие членови се клучни бидејќи се „санитарен кордон“ и обезбедуваат изборниот процес да биде навистина фер и демократски…“

„Ставот 4 од членот 35 пропишува дека студентските собранија настапуваат во правниот сообраќај под називот на универзитетот во чиј состав се и под својот назив, според овластувањата определени во статутот на универзитетот и дека имаат странкарска способност. Ставот 5 од истиот член пропишува дека студентските собранија самостојно одговараат за обврските преземени во правниот сообраќај. Формулацијата „имаат странкарска способност“ не е јасно дали се однесува на тоа дека можат самостојно да бидат учесници во некој облигационо-правен однос или се однесува на тоа дека можат да бидат странка во парнична постапка…“

„На правни студии треба да има можност да се студира и како вонреден студент бидејќи критериумите за завршување на студиите и работење во професијата се еднакви за сите. Ништо не менува дали тој студент, поради финансиски причини, мора да работи и студира истовремено…“

Проф. д-р Ненад Марковиќ, редовен професор на политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“, ги потенцира следните загрижувачки аспекти:

„Предлог законот за високо образование е фаличен по повеќе основи, но онаа која е најевидентна можеби и најзагрижувачка е интевенцијата на државата во високото образование и нарушувањето на автономијата на универзитетите по повеќе основи. Тука мислам на фундаменталната намера на законот да ја стави сферата на високото образование под комплетна контрола што се увидува од неколку одредби кои се предлагаат и од неколку членови со што државата има или комплетна доминација или огромно влијание. Тука е намерата прилично јасна, една етатизација на образованието, нарушување на автономијата на универзитетот и пенетрација на државата со една порака која е многу грда или „Вие не знаете како треба – ние ќе ви кажеме“ како треба и имаме некакви побарувања кои се базирани на некаков комерцијален успех и нешто што се нереални очекувања од академската заедница барем во рамките на оној буџет со кој истата располага и може да го искористи да истражување.
Вториот момент кој исто така загрижува е перфидноста во начинот на кој е донесен законот за разлика од 2014/15 и таа верзија на законот тука не се предвидува државен испит за студентите со што очигледно дека оваа политичка елита научила една многу важна лекција, а таа е да не се „чепка со студентите“ и во една прилично истрошена и опортунистичка атмосфера во која се наоѓа Македонија во овој момент јасно е дека нема никој да го крене својот глас или нема значителен број на студенти да го кренат својот глас затоа што законот не ги допира на ниту еден начин, иако лично мислам дека ги допира на повеќе од еден начин, но во овој момент тоа не го разбираат.


Сепак постои една друга дебата тие се ефективно неутрализирани преку фактот дека не ги допира законот баш директно како што тоа се случи пред десетина, единаесет години и второ редовните професори не се на ниту еден начин засегнати. Тие не можат да бидат правно засегнати не постои ретроактивно важење на овој закон и не може да постои иако има моменти во неколку членови на ретроактивност. Сепак со тоа што тие не се чепкаат, на ниту еден начин како и студентите се купува нивната тишина и конформизам.


Третиот проблем кој можеби е најмал од сите но не е за занемарување превисоките критериуми кои постојат за напредување во кариера, но и за докторските и за магистралните кандидати каде има нерално подигање на критериумите кои не се ни на ниво на другите универзитети во регионот, туку многу повисоки, сакајќи да се адресира една „малограѓанска“ јас би рекол амбиција и еден малограѓански комплекс на тоа дека не сме во првите 2000 универзитети. Критериумите не се реални ако се види буџетот и можностите на локалната академска заедница. Не мислам дека треба да се потцени web of science, но не треба да се сведе исклучиво на таа приватна база на аналитики. Кога говориме за квалитетот на високото образование мислам дека имаме елементарно неразбирање на извршната власт за тоа што е квалитетно високо образование и кои се другите елементи кои воопшто не се ни адресирани. Самиот факт дека државата има потреба да ги утврдува критериумите во високото образование за мене е проблематичен, беше проблематичен и во минатиот закон со тоа што претходно беше доста либерално формулирано па затоа можеби и отпорот не беше толку голем. Константино и преку овој закон се удира на автономијата на универзитетот.

И конечно она што е евидентна интенција на законот се брише евиденцијата за непотизмот, се воведува можност за миграција на кадар преку одлуки на извршната власт од една единица на универзитет во друга единица со што се отвора сомнеж дека ова е претходно подготвена операција која е базирана на некакви лични желби на веројатно луѓе кои биле дел од работната група или луѓе кои се блиски до власта. Она што е најстрашно е што веќе се шпекулира со имиња па мене ми е интересно да следам дали навистина тоа што се зборува ќе се обвистини. Сметам дека законот треба да се врати целосно да доработка, но тоа нема да се случи.

Мислам дека се работи за еден инфантилен инает и кај министерката и кај министерството да не се повлече законот бидејќи тоа се смета за некаков политички пораз. Јас пак мислам дека се работи за политичка доблест да признаете дека сте згрешиле и да го вратите законот на комплетна доработка. Фактот дека никој од работната група која учествуваше во создавање на законот за високо образование, не излезе да го брани законот, тоа е многу индикативно. Никој да се соочи со контрааргументите, ниту на телевизија, ниту на јавна дебата, ниту ги знаеме имињата на луѓето кои работеле на законот за ВО, што е апсолутна срамота и апсолутно недозволиво.“

Студентските организации, го потенцираат значењето на национално претставничко тело

„Нашиот став во однос на измените на Законот за високо образование е јасен, а тоа е дека сме за измени на Законот на високо образование и за тоа сите релевантни страни треба да бидат вклучени, секако и студентите и младите како еден од најважните фактори во високото образование, вели Гоше Николов од неформалното студентско здружение „Студентарија“.

Претставници на „Студентарија“ веќе доставија коментари на предлог Законот за високо образование, нашите забелешки повеќе беа во делот на студентското организирање. Според нас законот треба експлицитно да го препознае Националното студентско тело кое ќе ги претставува сите студенти во Македонија, додава тој.

За потребите на оваа сторија беше консултирана Ангела Василевска од Студентското собрание, но повеќекратните обиди да добиеме дополнителни коментари останаа без одговор, бидејќи нашите повици беа игнорирани.

Реакција на Министерството и отсуство на коментар од ректорката

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека дел од забелешките ќе бидат земени предвид, а некои прашања ќе се решаваат преку дополнителни дебати:

Се надевам дека универзитетите ќе се прилагодат на овие барања особено со новото законско решение кое исто така ги поврзува практичната работа и знаењето на универзитетите, истакна Јаневска.

Таа посочи дека во текот на јавната дебата пристигнале голем број конструктивни забелешки за Предлог-законот за високо образование. Како што рече, сите оправдани забелешки ќе бидат уважени во конечната верзија, додека за дел од дискутабилните прашања ќе се одржи уште еден круг дебата со универзитетската заедница, со цел да се дојде до заеднички заклучоци.

Намерата е, кога Законот ќе стигне пред пратениците, тој веќе да биде финализиран и да ги земе предвид сите засегнати страни, надминувајќи ги недостатоците од драфт-верзијата.

Во однос на она што треба да се поправа, во Законот стои дека пред одбрана на магистерската, кандидатот треба да има објавено еден труд во списание Web od science. Но тоа аргументирано го разговаравме и можно е да биде повлечено како услов. За одбрана на докторски труд, се бараше три труда објавени во списание со имакт фактор, но со однос на тоа дека докторандот треба да вложи напор во студиите поголем, заклучивме дека може на докторандот да му се дозволи трудот да го одбрани, со тоа што подоцна понатаму тој секако ќе продоложи со својата научно истражувачка работа, истакна Јаневска.

Министерката нагласи дека значителен дел од забелешките пристигнале и од студенти од приватните факултети, особено во делот што се однесува на висината на гаранцијата.

-Во оваа драфт верзија се вели дека гаранцијата треба да биде 100 % а имаме слушнато дека можеби можат да дадат и хипотека, гаранцијата ќе ја земеме разумно на 70% и ќе дозволиме како гаранција да дадат и хипотека, истакна Јаневска.

Таа укажа и на потребата од дополнителна прецизација на одредени членови од Предлог-законот, на кои, како што рече, ќе се работи во наредниот период. Сепак, подвлече дека не се размислува за повлекување на новиот Закон за високо образование, туку напротив, тој треба да биде усвоен што е можно поскоро со цел зголемување на квалитетот на високото образование.

За целите на оваа сторија, контактиравме и со ректорката на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Биљана Ангелова, но не добивме никаков коментар од нејзина страна.