По повод Светскиот ден за борба против дебелината, УНИЦЕФ повика на итни мерки за подобрување на исхраната во училиштата во Македонија, предупредувајќи дека прекумерната тежина и дебелината кај децата продолжуваат да растат во раните училишни години.
Според најновите податоци, 34 проценти од момчињата и 28,3 проценти од девојчињата на возраст од 7 до 9 години живеат со прекумерна тежина или дебелина. Овој период е клучен за формирање на здрави прехранбени навики кои траат цел живот.
Иако физичката активност е важна, податоците покажуваат дека таа не е главната причина за растечкиот тренд. Според родителите, повеќе од 90 проценти од децата секојдневно имаат најмалку еден час активна игра или енергична активност.
Проблемот, според УНИЦЕФ, лежи во нездравата средина во која децата се хранат. Речиси една третина од децата редовно консумираат безалкохолни пијалаци засладени со шеќер, додека повеќе од три четвртини не јадат овошје и зеленчук секој ден.
Дополнителен проблем претставува храната достапна во училиштата. Проценката на УНИЦЕФ покажува дека таму каде што се продава храна, најчесто се нудат нездрави производи, како засладени пијалаци, слатки и солени грицки.
Организацијата повикува на ограничување на продажбата на ултра-преработена храна и зашеќерени пијалаци во училиштата, построги правила за рекламирање храна и пијалаци наменети за деца и поголеми инвестиции во едукација за правилна исхрана.
Економските последици од прекумерната тежина и дебелината се значајни. Се проценува дека тие чинат околу 5 проценти од БДП, односно приближно 482 милиони евра годишно или околу 241 евро по лице.
Искуствата од други земји покажуваат дека ограничувањето на продажбата и рекламирањето на нездрава храна во училиштата доведува до подобра исхрана и помала потрошувачка на зашеќерени пијалаци и ултра-преработена храна кај децата.
Фото: UNICEF



