Во Скопје одржан првиот национален инклузивен STEM натпревар по роботика

Во Скопје викендов се одржа првиот национален инклузивен STEM натпревар по едукативна роботика и иновации – „CTRI Innovation Robot Challenge“, наменет за деца и млади на возраст од 6 до 14 години.

Натпреварот го организираше Здружението за развој на технологија, роботика и иновации CTRI, во коорганизација со Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Настанот претставува прв ваков инклузивен национален роботски предизвик во Македонија, кој ги поврзува технологијата, образованието и општествената одговорност.

Зад концептот стојат м-р Васка Медиќ и Јованчо Зашаровски, основачи на CTRI, кои ја развиваат првата национална инклузивна STEM-платформа. Според нив, целта е децата преку роботиката да развиваат креативно размислување, тимска работа и свест дека технологијата може да придонесе за подобро општество.

На натпреварот учествуваа 19 тимови со повеќе од 50 директни учесници од Берово, Валандово, Скопје и Пехчево, а настанот го посетија над 150 посетители. Учесниците беа поделени во две возрасни категории – од 6 до 9 и од 10 до 14 години – и имаа задача да дизајнираат, изградат и програмираат роботи кои решаваат конкретни предизвици во ограничено време.

Темите на натпреварот беа поврзани со заштита на животната средина и со развој на роботски решенија што им помагаат на луѓето во секојдневниот живот, со посебен акцент на пристапноста и инклузијата.

Покрај натпреварувачкиот дел, беа организирани и едукативни работилници. Учесниците се запознаа со брајовото писмо преку интерактивна работилница реализирана со училиштето „Димитар Влахов“, а SmartLab Kids одржа работилница со научни експерименти.

Во категоријата 10–14 години првото место го освои тимот „Галактички бурек“, додека во категоријата 6–9 години победници беа „Robotic’s Inovators“.

Организаторите порачуваат дека „CTRI Innovation Robot Challenge“ е почеток на пошироко STEM движење кое има цел да создаде генерација млади иноватори и креатори на технолошки решенија за општеството.