Создаден иновативен спреј за нос со потенцијал да спречи идни пандемии

Развојот на универзална вакцина против настинка, грип, ковид и алергии бележи значителен напредок, тврдат научници.

Истражувачи од Stanford University School of Medicine развиле вакцина што би можела да се користи како спреј за нос и потенцијално да штити од широк спектар респираторни вируси, бактерии и алергени.

Резултатите од истражувањето, објавени во списанието Science, покажале дека вакцината обезбедува долготрајна заштита на белите дробови кај глувци во период од неколку месеци. Тестовите покажале заштита од ковид и други коронавируси, стафилокока, бактеријата Acinetobacter baumannii и грини од домашна прашина.

Доколку ефектите се потврдат и кај луѓето, вакцината би можела да ги замени повеќекратните сезонски имунизации против респираторни инфекции и да делува превентивно против нови пандемиски патогени.

Д-р Бали Пулендран, директор на Институтот за имунитет, трансплантација и инфекции при Стенфорд и главен автор на студијата, изјави дека идејата е наесен да се примени спреј за нос што ќе штити од грип, ковид, РСВ, обична настинка, бактериски инфекции на белите дробови и сезонски алергени. Тој очекува тестирања врз луѓе и смета дека две дози би можеле да бидат доволни. Со соодветно финансирање, вакцината би можела да биде достапна за пет до седум години.

Истражувањето покажува дека Т-клетките во белите дробови испраќаат сигнали што го одржуваат имунолошкиот одговор. Наместо да имитира дел од патоген, вакцината ги користи овие сигнали за да активира повеќе делови од имунолошкиот систем.

Професорот Брендан Врен оценува дека концептот ветува, но предупредува дека се потребни контролирани клинички испитувања за да се потврдат безбедноста и ефикасноста кај луѓето.

Извор: Index.hr / Freepik