На Саемот за образование и кариера, што денеска се одржа во Скопје Сити Мол во организација на неформалното студентско здружение „Студентарија“, државните и приватните универзитети од Македонија ги презентираа своите студиски програми и поволности пред матурантите и идните студенти.
Покрај универзитетите, на настанот учествуваа и претставници на бизнис-заедницата, како и надлежните институции од областа на образованието и науката, вклучително и министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Таа ги посети штандовите, разговараше со студентите и професорите, а една од главните теми беше новиот Предлог-закон за високо образование и прашањето дали со новите измени се овозможува подобро вмрежување меѓу бизнис-заедницата, студентите и универзитетите.
Официјално, на Саемот учествуваат 12 универзитети, над 100 факултети, неколку академии и дваесетина компании. Во организацијата се вклучени и повеќе од 10 општини, кои обезбедиле бесплатен превоз за студентите и младите до местото на одржување на настанот.
Гоше Николов од неформалното студентско здружение „Студентарија“ посочи дека овој настан е еден од најзначајните за студентите во Македонија, бидејќи отвора можност за нивно вмрежување и за откривање на сопствените можности и апликабилност на пазарот на трудот.

-Саемот за образование и кариера е една форма која ги поврзува образованието, бизнис секторот и младите на едно место. Идејата е саемот да биде простор каде младите денеска ќе можат да ја донесат една од најважните одлуки по прашање на нивната иднина, односно за изборот на високото образование и нивната кариера, истакна Гоше Николов, претставник на неформалното студентско здружение „Студентарија“ и еден од организаторите на овој настан.
Тој додаде дека во време кога се разговара за Предлог-законот за високо образование, студентското здружение смета дека ваквата комуникација меѓу бизнис-заедницата и универзитетите е клучна. Според него, одредбите од Законот треба да бидат насочени кон реалните потреби на студентите, академската заедница, младите, но и на економијата.
-Нашиот став во однос на измените на Законот за високо образование е јасен, а тоа е дека сме за измени на Законот на високо образование и за тоа сите релевантни страни треба да бидат вклучени, секако и студентите и младите како еден од најважните фактори во високото образование. Претставници на „Студентарија“ веќе доставија коментари на предлог Законот за високо образование, нашите забелешки повеќе беа во делот на студентското организирање. Според нас законот треба експлицитно да го препознае Националното студентско тело кое ќе ги претставува сите студенти во Македонија, истакна Николов.
Како втора значајна забелешка, студентите од „Студентарија“ ја посочиле потребата од формализирање на станарското право на студентите кои престојуваат во студентските домови.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека втора година по ред присуствува на Саемот за образование и кариера и ја нагласи важноста на симбиозата меѓу универзитетите и бизнис-заедницата, со цел младите да можат соодветно да се пласираат на пазарот на трудот. Според неа, тоа е начин младите да останат во земјата и да придонесуваат за нејзиниот развој, наместо по завршувањето на образованието да заминуваат на странските пазари на труд.
-Се надевам дека универзитетите ќе се прилагодат на овие барања особено со новото законско решение кое исто така ги поврзува практичната работа и знаењето на универзитетите, истакна Јаневска.
Таа посочи дека во текот на јавната дебата пристигнале голем број конструктивни забелешки за Предлог-законот за високо образование. Како што рече, сите оправдани забелешки ќе бидат уважени во конечната верзија, додека за дел од дискутабилните прашања ќе се одржи уште еден круг дебата со универзитетската заедница, со цел да се дојде до заеднички заклучоци. Намерата е, кога Законот ќе стигне пред пратениците, тој веќе да биде финализиран и да ги земе предвид сите засегнати страни, надминувајќи ги недостатоците од драфт-верзијата.
-Во однос на она што треба да се поправа, во Законот стои дека пред одбрана на магистерската, кандидатот треба да има објавено еден труд во списание Web od science. Но тоа аргументирано го разговаравме и можно е да биде повлечено како услов. За одбрана на докторски труд, се бараше три труда објавени во списание со имакт фактор, но со однос на тоа дека докторандот треба да вложи напор во студиите поголем, заклучивме дека може на докторандот да му се дозволи трудот да го одбрани, со тоа што подоцна понатаму тој секако ќе продоложи со својата научно истражувачка работа, истакна Јаневска.
Министерката нагласи дека значителен дел од забелешките пристигнале и од студенти од приватните факултети, особено во делот што се однесува на висината на гаранцијата.
-Во оваа драфт верзија се вели дека гаранцијата треба да биде 100 % а имаме слушнато дека можеби можат да дадат и хипотека, гаранцијата ќе ја земеме разумно на 70% и ќе дозволиме како гаранција да дадат и хипотека, истакна Јаневска.
Таа укажа и на потребата од дополнителна прецизација на одредени членови од Предлог-законот, на кои, како што рече, ќе се работи во наредниот период. Сепак, подвлече дека не се размислува за повлекување на новиот Закон за високо образование, туку напротив, тој треба да биде усвоен што е можно поскоро со цел зголемување на квалитетот на високото образование.
Саемот за образование и кариера ќе продолжи и утре во Скопје Сити Мол, овозможувајќи им на студентите и младите преку директни разговори и презентации да се запознаат со студиските програми на различни универзитети и факултети низ Македонија.






