Над 100 факултети на „Саемот за образование и кариера 2026“ во Скопје

Денеска во просториите на Skopje City Mall (2 кат) ќе се одржи третото издание на Саемот за образование и кариера 2026, централен национален настан што ги поврзува младите, образовните институции и компаниите.

Настанот е во организација на студентската платформа Студентарија и Skopje City Mall. На отворањето ќе присуствува и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која ќе ги поздрави присутните и ќе ги посети штандовите на учесниците.

Оваа година учествуваат 12 универзитети со над 100 факултети од Македонија, академии за дигитални и современи професии, како и компании што нудат пракса, вработување и кариерен развој.

Саемот е наменет за матуранти, студенти и родители, со цел младите да добијат релевантни информации и директно да разговараат со претставници на високообразовни институции и бизнис секторот, пред да донесат одлука за својата иднина.

Програмата вклучува и панел-дискусии и работилници за кариерно советување и развој на вештини потребни на современиот пазар на труд.