Издавачката куќа Арс Ламина во соработка со Фондација „Славко Јаневски“ го објави осмиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман, кој ќе трае до 1 јуни 2026 година. Името на годинашниот добитник ќе биде соопштено на 2 септември.
Како што информираат организаторите, на конкурсот можат да учествуваат автори со необјавени романи за возрасни, напишани на македонски јазик и со кирилско писмо. Ракописите треба да се достават електронски на адресата pegaz@arslamina.com, во ворд или ПДФ-формат.
Пристигнатите дела ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа. Составот на комисијата ќе биде дополнително објавен.
Наградата „Пегаз“ е откупна и вклучува паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција. Годинашното издание е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
Наградата е востановена во 2019 година со цел да поттикне нови писателски гласови и да придонесе за развојот на современиот македонски роман. Таа претставува продолжение на наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.
Меѓу досегашните добитници се романите „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук, „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски, „Лазарка“ од Љупчо Петрески, „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, „Зелениот дворец“ од Сибо, „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова, „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски и „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска.