Во Велика Британија е родено првото бебе чија мајка примила матка од починат донор, соопшти медицинскиот тим што ја извршил трансплантацијата.
Момчето Хуго Ричард Норман Пауел е родено во декември во Лондон, со тежина од 3,1 килограм.
Неговата мајка, Грејс Бел, е родена со Мајер-Рокитански-Кистер-Хаузеров синдром (MRKH) – ретка состојба поради која матката е неразвиена или целосно отсуствува. Таа им се заблагодари на лекарите и го опиша раѓањето како „чудо“ и „најубавиот момент во животот“, пренесе GB News.
Хуго е второто бебе во Велика Британија родено по трансплантација на матка, но прв случај во кој е користена матка од починат донор. Првата трансплантација на матка во земјата беше извршена во 2023 година, кога Грејс Дејвидсон, исто така пациентка со MRKH, доби матка од својата постара сестра како жива донорка.
Трансплантациите од починати донори се спроведуваат само кога семејствата на починатите ќе дадат изречна согласност за донирање матка. Овој орган не е опфатен со вообичаената согласност за донирање органи, ниту автоматски се вклучува во регистарот на донори.
Досега во Европа се пријавени само два слични случаи. Организацијата Womb Transplant UK досега извршила пет трансплантации на матка во Велика Британија – две од живи донори и три од починати, а веќе се родени две бебиња.
Извор: Tanjung



