Сè помалубројни, постари и понеисправни автобусите на ЈСП во кои се возат патниците

Бројот на патници, исправни автобуси и вкупниот капацитет на Јавно сообраќајно претпријатие Скопје бележат сериозен пад во последната деценија, покажува најновата анализа за состојбата во градскиот автобуски превоз.

Според податоците, за само десет години бројот на превезени патници е намален за 30 милиони годишно. Додека во 2015 година со автобусите на ЈСП се превезувале околу 52 милиони патници годишно, денес таа бројка изнесува само 22 милиони. Овој пад упатува на значително намалена доверба и користење на јавниот превоз во главниот град.

Истовремено, се намалува и бројот на исправни автобуси. ЈСП располага со вкупно 341 автобус, но дневно исправни се 185, а во сообраќај се пуштаат просечно 157 автобуси. За споредба, пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, што значи дека денес располага со речиси 130 помалку функционални возила.

Со намалувањето на возниот парк расте и просечната старост на автобусите, која сега изнесува 13,3 години – највисоко ниво во последната деценија. Повеќе од 80 проценти од автобусите се од кинеската марка Yutong и украинската LAZ, додека во употреба се и десет автобуси од марката Санос стари по 33 години.

Дополнителен проблем е еколошкиот стандард: само 10 проценти од автобусите ги исполнуваат највисоките стандарди Еуро 6, додека останатите се со стандарди Еуро 4 и Еуро 5.

Анализата отвора прашања за одржливоста на јавниот превоз во Скопје и потребата од итна модернизација на возниот парк, со цел зголемување на квалитетот на услугата и враќање на патниците во автобусите.

Целата анализа на Центарот за граѓански комуникации е достапна на линкот.