Министерството за дигитална транформација се огласи по наводите во медиумите, кои пренесуваат дел од реакциите на инфлуенсерите и дигиталните креатори по повод воведување на нов Водач според кој е побарана регистрацијата на инфлуенсерите и дигиталните креатори во Агенцијата за аудио и визуелни услуги.
Од таму велат дека Министерството ја следи јавната дебата и сериозно ги зема предвид изразените ставови од страна на креаторите на дигитални содржини. Дигиталната економија и креативната индустрија се значаен сегмент од современиот медиумски и економски систем, и нивниот развој треба да се темели врз јасни правила, правна сигурност и почитување на европските стандарди, велат тие.
Истовремено, јасно е дека овој медиумски плурализам ја поттикнува слободата на говор, различноста на мислење и демократијата воопшто.
Регулаторната рамка во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како што велат произлегува од законските измени усвоени од Собранието во минатиот состав во 2023 година, со кои се врши усогласување со европското законодавство, особено со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на Европската Унија. Подзаконските документи (пред се Правилникот) произлегуваат од овие измени на Законот, но се донесени во текот на 2025 година. Водичот е неформален документ на АВМУ со необврзувачка содржина, кој не произведува правен ефект.
Министерството смета дека секоја регулатива што се однесува на динамичен и брзорастечки сектор како што е дигиталното создавање содржини треба да биде пропорционална, јасна и во континуиран дијалог со засегнатите страни. Саморегулацијата и кодексите на однесување се легитимни инструменти во европската пракса, кои треба да ја надополнуваат законската рамка која обезбедува заштита на јавниот интерес, транспарентност на комерцијалните содржини и заштита на малолетниците, стои во соопштението.
Во следниот период Министерството за дигитална транформација ќе се иницира средби и консултации со претставниците на инфлуенсерите кои се организирани во здружение.
Извор: Министерство за дигитална транформација
Фото: Pexels.com



