Популарната диета позната како повремено гладување или автофагија најверојатно не доведува до поголемо намалување на телесната тежина кај лица со прекумерна тежина во споредба со традиционалните совети за исхрана или дури и без примена на конкретна диета. Ова го покажува ново истражување објавено од глобалната непрофитна истражувачка мрежа „Кокран“.
Дебелината претставува сериозен здравствен проблем и е водечка причина за смрт во земјите со високи приходи. Според податоците на Светска здравствена организација, дебелината кај возрасните ширум светот е повеќе од тројно зголемена од 1975 година. Во 2022 година, 2,5 милијарди возрасни лица имале прекумерна телесна тежина, од кои 890 милиони биле со тешка форма на дебелина.
Популарноста на повременото гладување значително порасна во последните години, поттикната од социјалните мрежи и тврдењата за брзо слабеење и метаболички придобивки.
Ограничени докази и потреба од индивидуален пристап
Истражувачите анализирале 22 клинички студии со вкупно 1.995 возрасни лица од Северна Америка, Европа, Кина, Австралија и Јужна Америка. Биле испитувани различни форми на повремено гладување – гладување секој втор ден, периодично гладување и исхрана во ограничен временски период. Повеќето студии ги следеле учесниците до 12 месеци.
Резултатите покажуваат дека повременото гладување нема клинички значаен ефект врз слабеењето во споредба со стандардните препораки за исхрана или без интервенција. Дополнително, пријавувањето на несаканите ефекти било недоследно, а голем дел од студиите имале мал примерок.
Авторите нагласуваат дека дебелината е хронична состојба и дека краткорочните истражувања не се доволни за долгорочни препораки. Со оглед на тоа што повеќето студии опфатиле бела популација од земји со високи приходи, потребни се дополнителни истражувања во земји со ниски и средни приходи.
Заклучокот е дека, со моментално достапните докази, не може да се даде општа препорака, туку е неопходен индивидуален пристап при советување за намалување на телесната тежина.