Водата за пиење во Скопје е здравствено исправна и безбедна за конзумирање

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје го објави неделниот лабораториски извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, со цел навремена и транспарентна информираност на граѓаните на Скопје.

Според податоците од Секторот за санитарна контрола, во периодот од 9 до 13 февруари 2026 година биле земени вкупно 384 примероци од вода за пиење. Од нив, 192 примероци биле наменети за физичко-хемиска анализа, а исто толку и за микробиолошка анализа. Примероците биле собрани од 48 мерни места на територијата на градот.

Од претпријатието информираат дека анализите се спроведени согласно утврдените процедури и стандарди, со цел да се обезбеди континуирана контрола на исправноста на водата што ја користат граѓаните.

Согласно добиените резултати, сите испитани примероци ги исполнуваат барањата пропишани со Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник на РМ“ бр. 183/18). Тоа значи дека водата од градскиот водовод е здравствено исправна и безбедна за консумирање.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје најавуваат дека и понатаму редовно ќе продолжат со мониторинг и ќе ја информираат јавноста за резултатите од извршените анализи.

Фото: Архива