Илјадници граѓани протестираа во Сараево по трагичната трамвајска несреќа во која животот го загуби 23-годишен млад човек

Илјадници граѓани на Сараево се собраа вчера, 14 февруари, на мирен протест по трагичната трамвајска несреќа која се случи на 12 февруари во центарот на градот. Во несреќата животот го загуби 23-годишен млад човек, а повредени беа уште четири лица, меѓу кои и 17-годишна девојка која се наоѓа во тешка состојба.

Протестот беше организиран од неформалната група граѓани „Кажи доста“, а собирот  започна во 15 часот пред Националниот музеј на Босна и Херцеговина. Веднаш по почетокот, учесниците го блокираа сообраќајот на потегот од Амбасадата на САД до Државниот музеј на Босна и Херцеговина, носејќи транспаренти со пораки на поддршка и барања за одговорност од надлежните институции. Младите граѓани повикуваа на системски решенија за спречување на слични трагедии во иднина.

Собирот започна со едноминутно молчење во знак на почит кон загинатиот млад човек. Професорот Ведран Зубиќ се обрати пред демонстрантите, повикувајќи на мир и јасно изразување на незадоволството. За време на маршот се случија помали инциденти – кратко туркање при проверка на еден демонстрант и обид на еден возач да ја заобиколи толпата, но протестот помина мирно без поголеми нарушувања.

Возачот на трамвајот беше уапсен под сомнение за кривично дело против безбедноста на јавниот превоз и предаден на Обвинителството на Кантонот Сараево, каде што беше задржан 24 часа. Владата на Кантонот Сараево прогласи 14 февруари за Ден на жалост, а истрагата за несреќата е  се уште во тек.

Ситуацијата се нормализираше во вечерните часови, сообраќајот беше одблокиран, а организаторите најавија продолжување на протестите во наредните денови, истакнувајќи дека граѓаните бараат одговорност и правда за загинатиот и повредените, како и итни мерки со цел зајакнување на безбедноста во јавниот превоз.

Извор: Radiosarajevo.ba