Климатските промени се забрзуваат побрзо од очекуваното, предупредуваат научниците

Повеќе критични климатски системи на Земјата се приближуваат до опасни точки на нестабилност, што може да ја турне планетата кон екстремно затоплување и раст на нивото на морето, предупредуваат научници во ново меѓународно истражување.

Според студијата објавена во списанието One Earth, постои зголемен ризик Земјата да влезе во т.н. „жешка“ (hothouse) траекторија – сценарио во кое климатските повратни механизми дополнително го засилуваат глобалното затоплување. Истражувањето ги анализира таканаречените „tipping points“ – критични прагови по чие надминување одредени системи стануваат нестабилни. Меѓу нив се ледените покривки на Антарктикот и Гренланд, планинските глечери, пермафростот, амазонската прашума и Атлантската меридионална циркулација (AMOC), која има клучно влијание врз глобалната клима.

Научниците посочуваат дека глобалната температура во изминатите 12 месеци ја надминала границата од 1,5°C над прединдустриското ниво – праг што Парискиот договор за борба против климатските промени,  кој беше усвоен во 2015 година на климатската конференција во Париз. настојува да го ограничи на долг рок. Овој период бил проследен со екстремни шумски пожари, поплави и други климатски катастрофи. Според авторите, климатските повратни јамки можат дополнително да го забрзаат затоплувањето.

Топењето на мразот ја намалува рефлективноста на површината (албедо), што овозможува апсорбирање на повеќе топлина, додека слабеењето на океанските струи може да предизвика драматични промени во врнежите и екосистемите. Постои ризик дека делови од Амазон би можеле да преминат од прашума во савана, што би ослободило огромни количини јаглерод диоксид и дополнително би го засилило глобалното затоплување.

Научниците нагласуваат дека иако спречувањето на вакво сценарио нема да биде лесно, акцијата сега е далеку поисплатлива отколку обидот за „враќање назад“ откако ќе се поминат критичните прагови. Тие повикуваат на забрзана транзиција кон обновливи извори на енергија, заштита на екосистемите и подобро глобално следење на климатските ризици.

Извор: Euronews