Моралoт се учи: Децата со возраста сè повеќе избираат правичност наместо подарок

Првото меѓународно истражување за однесувањето на децата во врска со поткупувањето покажало дека повозрасните деца почесто одбиваат подароци што би им донеле неправедна корист.

Тимот на Боливар Рејес-Жакез испитал речиси 700 деца од Норвешка, Италија, Јапонија и САД, на возраст од три до единаесет години, пренесува „Шпигел“.

Во експериментот, во кој децата биле ставени во улога на жири на конкурс за цртање, повозрасните деца во 85 проценти од случаите ги избрале објективно подобрите цртежи, дури и кога послабиот труд бил придружен со подарок. Помладите деца почесто ги прифаќале подароците и ги фаворизирале трудовите што биле проследени со нив.

Истражувачите објаснуваат дека развојот на моралното расудување зависи од когнитивното созревање, вклучително и способноста за самоконтрола и согледување на перспективата на другите. Иако културните фактори, како нормите за подарување и љубезност, влијаат врз однесувањето, клучна улога имаат индивидуалната зрелост и воспитувањето.

Во втор експеримент, децата требало да поделат пет бонбони меѓу двајца врсници, при што петтата бонбона била предмет на нивна одлука. Резултатите покажале дека повеќе од 80 проценти од децата постари од девет години одбиле неправедна распределба.

Авторите заклучуваат дека моралното однесување не е вродено, туку се учи и се развива преку искуство и воспитување, а разбирањето на мотивацијата поврзана со подароците може да им помогне на децата подоцна да носат поправедни одлуки.

Извор: Tanjug

Фото: Архива