„Срамот не носи ништо добро“: Жизел Пелико ги повика жените жртви на сексуално насилство да говорат јавно за своите проблеми

Жизел Пелико, која стана глобален симбол на храброст за време на судењето против нејзиниот поранешен сопруг и десетици мажи кои ја силувале додека била во несвест, ги повика жртвите никогаш да не се срамат.

Во своето прво телевизиско интервју за France 5, таа изјави: „Срамот се лепи за тебе, се лепи за твојата кожа. Тоа е двојна казна – страдање што си го нанесуваш сам.“ Додаде дека со јавното истапување сакала да се бори не само за себе, туку и за сите други жртви: „Ако можев јас, можат и другите.“

Во извадоци од нејзините мемоари „Химна на животот“, 73-годишната Пелико го опишува шокот кога полицијата ѝ покажала фотографии и видеа од злосторствата. Не можела да се препознае себеси, опишувајќи се како „крпена кукла“. Дотогаш го сметала сопругот Доминик, со кого живеела 50 години, за „одличен човек“.

Во ноември 2020 година дознала дека тој со години ја дрогирал и силувал, а поканувал и други мажи да го прават истото додека таа била во состојба налик на кома. Вкупно 51 маж беа прогласени за виновни за силување или сексуален напад.

Пелико се откажа од правото на анонимност за судењето да биде јавно, нагласувајќи дека затворена постапка би ги заштитила сторителите. „Никој немаше да знае што ми направиле“, пишува таа, додавајќи дека сакала и други жени да не се чувствуваат сами.

Книгата, коавторство со Жудит Перинјон, излегува на 17 февруари на 22 јазици. Аудио-верзијата на англиски ја чита актерката Ема Томпсон, која приказната ја нарече „исклучително храбра“ и повик за промена.

Извор: TheGuardian

Фото: Википедиа