Во рамки на поранешниот дом за сместување бездомни лица „Ранка Милановиќ“ кој се наоѓа на територија на општина Гази Баба, денеска се сместени околу стотици дечиња. Тие живеат во сурова сиромаштија, многудетно семејство живее во една соба од 20тина квадрати, се топлат на печки од неисчистени оџаци кои внатре враќаат јаглерод моноксид, околу зградата има активна депонија чиј распад на отпад децата го дишат, често може да се сретнат на улици во недостиг на соодветна облека, не посетуваат настава бидејќи им помагаат на родителите во собирање на пластични шишиња кои подоцна ги продаваат и на тој начин доаѓаат до чесна заработувачка, не знаат дали некогаш во животот примиле вакцина или отишле на лекарски преглед.
Сето ова го утврди редакцијата на Радио МОФ која пред две недели ги посети семејството Идризови, деветчлено семејство кое е сместено во руинираната зграда „Ранка Милановиќ“. Малолетникот со кој разговаравме во тој момент беше болен, се жалеше на болки во грлото, но вели нема пари да купи лекови, затоа што целата заработка претходно татко му ја потрошил токму во аптека бидејќи неговото помало братче било болно и имало висока температура.

Овде живеат деца!
Општина Гази Баба се изјасни како ненадлежна, следниот шалтер беше Министерството за социјална политика, демографија и млади
Граѓанска должност на секој граѓанин е доколку утврди дека станува збор за злоупотреба, крешње на закони, особено итна потреба од заштита на деца и малолетници да реагира и случајот да го пријави кај надлежните институции. Со таа цел, редакцијата побара одговор на општина Гази Баба, како надлежна општина за зградата Ранка Милановиќ, бидејќи токму на јурисдикција на територијата на општина Гази Баба се наоѓа оваа опасна зона за движење, а уште попасна за домување од каде ни беше посочено дека тие немаат никаква надлежност за семејствата кои живеат во Ранка Милановиќ. Жешкиот костен го префрлија кај Министерството за социјална политика демографија и млади. Иако единиците на локална самоуправа имаат законски надлежности да постапуваат по пријава за згради и објекти на нивна територија кои претставуваат незбезбедна зона за движење и домување и го загрозуваат јавниот поредок и безбедност, општина Гази Баба се изјасни како ненадлежна за случајот „Ранка Милановиќ“.

Општините во Република Македонија имаат законска надлежност да постапуваат кон згради кои се небезбедни, распаѓаат се или претставуваат отворена депонија на нивната територија. Според член 20 и 21 од Законот за локална самоуправа, тие се одговорни за уредување на просторот и заштита на јавната безбедност и здравје, додека член 99‑а од Законот за градење предвидува дека ако сопственикот не преземе мерки за опасна градба, надлежниот орган, вклучувајќи ја и општинската инспекција, може да иницира постапка за отстранување или санација на објектот. Овие законски решенија овозможуваат општините да ги заштитат граѓаните и јавните површини, преземајќи конкретни мерки кога сопственикот не постапува согласно законските обврски.
Сепак, нивните служби за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, добро го познаваат законот кој ги обврзува на издавање јавни податоци, па препознаа дека Министерството како вистински имател на бараните информации, што се презело за заштита на децата во зградата Ранка Милановиќ, барањето на Радио МОФ го препратија преку институционалните канали, токму до ресорното министерство. Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ги обврзува сите субјекти кои фигурираат како иматели на јавни податоци, барањата кои стигнуваат до нив, автоматски да ги препраќаат кај вистинскиот имател на информации со цел ефикасно испорачување на барањата за пристап до јавната информација. Општина Гази Баба, направи напор да нѐ упати кај вистинскиот имател на информации, но она што никако не смееше да го даде како објаснување е оградувањето од надлежност, особено ако по Закон за локална самоуправа и Закон за градење, дефинитивно општината има надлежност да преземе дејства за санација или отстранување на ризичниот објект.
Центар за социјална работа на град Скопје ги вмеша ЈУ „25ти мај“ домот за деца без родители, иако децата од Ранка Милановиќ живеат во семејства заедно со своите родители
Центарот за социјална работа при Град Скопје, постапи по нашето барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Нивната назначена офицерка за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер – Фљорије Рама, ни достави одговор во вид на решение во законски утврдениот рок. Ова решение е потпишано од овластената раководителка Билјана Калајџиевска и од в.д. директорката на центарот Блерина Халими.
Во решението стои образложение:
Ве известуваме дека службата за старателство и заштрита на деца без родители и родителска грижа и заштита на возрасни и стари лица не располага со информации по предметното Барање. Објектот кој е посочен во барањето е во надлежност на ЈУ „25ти мај“ стои во нивното образложение.
Во случајот со Центарот за социјална работа на град Скопје, не само што се работи за системско прикривање на факти и излекување од одговорност, но проблематично е што овој субјект кој во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој фигурира во Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, не ги знае ниту законски обврски, предметното барање да го препрати до вистинскиот имател на информации.

Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на Република Македонија, ако информацискиот имател кој прими барање не располага со побараната информација, тој е должен да го препрати барањето до вистинскиот имател на информацијата, односно до органот што се смета за законски носител на таа информација. Ова е утврдено во член 18, став (1) од законот, кој вели дека ако информацискиот имател што примил барање не располага со побараната информација, мора веднаш и најдоцна во рок од десет дена по приемот на барањето да го упати барањето до информацииот имател кој, според содржината на барањето, се смета за вистински носител на побараната информација и да го информира барачот за тоа.
ЈУ „25ти Мај“ шокирана од одговорот на Центарот за социјална работа
На нашето Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, во кој сакавме да утврдиме дали која било институција за социјална заштита води предмет за децата кои со своите семејства живеат во Ранка Милановиќ, во рекорден рок одговори назначената офицерка за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Виолета Палиќ.
„Искрено сум изненадена зошто ве препратиле за информација кај нас, бидејки ние не сме регистрирани за проблематиката – бездомни лица.“, вели таа.
Ве информирам дека ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје, нема надлежност за работа со бездомни лица, ниту таква работна задача сме извршувале било кога.
Ние како установа сме регистрирани во Центарлен регистар за грижа и ресоцијализација на деца со воспитно социјални проблеми и деца со нарушено поведение, кои во моментот се згрижени во мали групни домови – куќи, под закуп на територија на град Скопје.
Никогаш не сме третирале бездомни лица, ниту тоа е наша дејност.
Центарот за социјална работа на град Скопје е надлежен за работа со бездомни лица и тие се единствената институција на територија на град Скопје, која би требало да располага со информациите кои вие ги барате. Нашата установа нема допирна точка со категоријата на бездомни лица.
Ве информирам дека ние како Установа го користевме објектот кој е предмет на овој одговор до 2019 година, месец октомври, кога нашите деца беа згрижени во истиот, за со почеток од 10.10.2019 година да се преселиме во куќи под закуп, каде нашата работа продолжи, стои во одговорот на ЈУ „25ти Мај“.

Министерството за социјална политика, демографија во десетдневна потрага по постоечки предмет за „Ранка Милановиќ“
Барањето кое до Министерството за социјална политика, демографија и млади е препратено од страна на Анета Илијевска, виш соработник во општина Гази Баба, веќе десети ден, не е одговорено од страна на надлежното министерство. Одговорно лице за обезведување на правото за слбоден пристап до информации од јавен карактер во рамките на министерството е Африм Селими. Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на Република Македонија, органите кои примаат барање за слободен пристап до информации се обврзани да одговорат во рок од 20 дена од денот на приемот на барањето. Доколку редакцијата не добие одговор во законски утврдениот рок, непостапувањето ќе го пријави до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Им тежи ли образот или сепак ќе се соочат и со казни за префрлање на одговорност?
Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Македонија, Агенцијата за заштита на слободниот пристап до информации од јавен карактер има надлежност да казнува и да превзема мерки кога имателот на информации не постапува според законските обврски. Така, казни се изрекуваат доколку имателот: не одговори во законскиот рок (20 дена), одбие да ги обезбеди информациите без оправдана причина, непотполно или неточно ги достави информациите, не го препрати барањето до вистинскиот имател кога е познат, или спречува увид во јавни информации кои законски треба да бидат достапни.
Агенцијата може да изрече парична казна, но исто така има право да издаде решение со кое се наложува имателот да ги обезбеди бараните информации. Доколку имателот не се придржува до решението, тоа решение е извршливо и може да се принуди преку суд. Дополнително, Агенцијата може да дава и инструкции и препораки за унапредување на постапувањето со барањата и за усогласување со законските обврски.
Редакцијата на Радио МОФ ќе продолжи да инсистира на утврдување на одговорност поради несовесно работење од страна на службеници – поединци или институции во игнорирањето на своите законски задолженија, кои можат да чинат детски животи. Дали воопшто македонските институции нешто учат од трагедиите кои не задесија изминатите неколку години – останува прашање чиј суд ќе го даде читателот.
Во какви услови живеат децата од „Ранка Милановиќ“ погледнете на линкот (ВИДЕО)
Автор: Магдалена Стојмановиќ за ©Радио МОФ
Одобрил: Исмет Шабановиќ, уредник и новинар



