Секојдневното консумирање неколку шолји кафе или чај со кофеин може благо да придонесе за зачувување на мозочната функција и за намалување на ризикот од деменција, покажуваат резултатите од ново истражување.
Студијата, која опфати околу 132.000 возрасни лица во Соединетите Американски Држави и ги следеше нивните навики и здравствена состојба во период од четири децении, открива дека лицата со највисок дневен внес на кафе со кофеин имале 18 проценти помал ризик од развој на деменција во споредба со оние со најмал внес. Кај нив е забележана и пониска стапка на самопријавени проблеми со меморијата и размислувањето.
Слични ефекти биле забележани и кај испитаниците кои консумирале чај со кофеин, додека напитоците без кофеин не покажале исто дејство. Авторите на студијата, објавена во научното списание JAMA, нагласуваат дека резултатите не докажуваат директна заштитна улога на кофеинот врз мозокот.
„Доколку постои ефект од кофеинот, тој е релативно мал. Постојат и други, добро документирани начини за заштита на когнитивните функции при стареењето, како што се редовна физичка активност, здрава исхрана и доволно сон“, изјави д-р Даниел Ванг од Медицинскиот факултет на Харвард.
Најизразени позитивни резултати биле забележани кај лицата кои дневно пиеле две до три шолји кафе со кофеин или една до две шолји чај. Тие, исто така, постигнувале подобри резултати на објективните тестови за когнитивни способности. Истражувањето било финансирано од Националниот институт за здравје на САД.



