За сè поголем број млади во Македонија, боречките спортови не се само натпреварување и освојување медали, туку начин на живот. Џудо, ММА, кик-бокс или бокс – зад секој избор стои лична приказна, дисциплина и постојана борба, не само во салата, туку и надвор од неа. Во земја каде што спортот често се потпира на ентузијазам наместо на систем, младите спортисти растат побрзо, но и потешко.
Од случаен избор до олимписка сцена
Еди Шерифовски има 23 години и е џудист од Скопје кој ја претставувал Македонија на Олимписките игри. Иако џудото не било негова прва спортска љубов, со тек на времето станало негов најголем животен учител.
Џудото ме научи на дисциплина, на здрави навики и на откажувања без кои нема резултати, вели тој.
Но, според него, највредната лекција не е техничка или физичка.
Како спортист научив да останам скромен по победата и да не се демотивирам по поразот. Тоа е нешто што го носиш со себе и надвор од спортот, додава Шерифовски.
Настапот за националната репрезентација за Еди е чест, но и товар што со себе носи голема одговорност.
Чувството кога настапуваш под знамето на својата држава е посебно. Знаеш дека не се бориш само за себе, туку и за луѓето што веруваат во тебе, вели тој.
Токму таа свест, според него, е најголемата мотивација – да се покаже во најдобро светло и да остави достоен траг за идните генерации спортисти.
Спорт без систем: реалноста во Македонија
И покрај индивидуалните успеси, Шерифовски отворено зборува за состојбата на професионалниот спорт во Македонија.
„Би рекол дека сме 10 до 20 години поназад од другите земји. Не само од Европа, туку и од регионот“, вели тој.
Според него, проблемот не е само во недостигот од средства, туку во начинот на функционирање.
Кај нас спортот бара спортистот да биде сè – и да бара финансирања, и да се подготвува за борба, и сам да си прави маркетинг. Најчесто, целиот товар паѓа на самиот спортист, објаснува Еди.
Од балет до европски ММА трон
Приказната на Даниела Алексовска ја покажува другата страна на боречките спортови – борбата со предрасудите. Прогласена за најдобар млад спортист за 2025 година од Министерството за спорт, таа е европска шампионка во ММА и учесничка на светско првенство.
Како дете, била насочувана кон уметност и „понежни“ спортови, па започнала со балет. Но љубовта кон боречките вештини ја пронашла подоцна, благодарение на спортското семејство од кое потекнува.
Кога првпат влегов во сала за боречки вештини, веднаш знаев дека таму припаѓам, вели Алексовска.
Почетоците, сепак, не биле лесни.
Во тоа време беше тешко да се најде спаринг партнер. Повеќето што тренираа беа момчиња и мажи, раскажува таа.
Според Даниела, општествените стереотипи сè уште се присутни.
Сè уште постои мислење дека девојчињата не треба да се занимаваат со ‘груби’ спортови, туку со нешто понежно. Мислам дека тоа ги обесхрабрува многу девојки, вели таа.
Сепак, ситуацијата полека се менува.
Во последните години гледам сè поголем интерес кај девојчињата и жените. Тоа ми дава надеж дека овие спортови ќе станат подостапни за сите, додава Алексовска.
Иднината е во младите, но и во поддршката
Приказните на Еди Шерифовски и Даниела Алексовска се две перспективи на иста реалност – младите во боречките спортови во Македонија се мотивирани, талентирани и подготвени за жртви. Но нивниот напредок зависи не само од личната упорност, туку и од системската поддршка.
Додека таа поддршка доаѓа бавно, тие продолжуваат да се борат – во салата, на рингот и надвор од него – носејќи ја надежта дека идните генерации ќе имаат подобри услови од оние што ги имаат денес.
Магдалена Стојмановиќ – Константинов за ©Радио МОФ