На Националниот регистар на прописи (ЕНЕР) се објавени предлозите за новиот Закон за високото образование и Законот за квалитет во високото образование, а во наредните денови ќе биде поставен и Предлог-законот за научноистражувачка дејност. Со тоа започнува јавната консултација, во чии рамки граѓаните, академската заедница и институциите ќе можат да доставуваат коментари и предлози за новите законски решенија.
Пакетот закони, подготвен од Министерството за образование и наука (МОН), има за цел темелни реформи во високото образование и во науката. На денешната прес-конференција, министерката за образование и наука Весна Јаневска ги претстави најзначајните новини, истакнувајќи дека предложените решенија се насочени кон подобрување на квалитетот на академската едукација и создавање посилна поддршка за научноистражувачката дејност.
Според Јаневска, новиот Закон за високото образование предвидува поголема автономија и одговорност на универзитетите, појасни критериуми за акредитација и евалуација, како и подобрување на условите за студентите и наставниот кадар. Законот за квалитет во високото образование воведува засилени механизми за надворешна контрола и обезбедување стандарди споредливи со европските практики.
Со Законот за научноистражувачка дејност, МОН најавува стимули за истражувачите, подобро финансирање и поврзување на науката со стопанството, со цел задржување на младите кадри и развој на иновативен потенцијал во државата.



