Граѓанската „Иницијатива за безбедно детство“ составена од родители, наставници, стручни лица и загрижени граѓани, покрена петиција со која бара системска и законска заштита на малолетниците во дигиталната средина. Со петицијата се бара забрана за користење социјални мрежи за деца под 12 години, регулација за возраст од 13 до 16 години со задолжителна родителска согласност, јасни санкции за платформите и национална програма за дигитална писменост и ментално здравје.
Иницијативата посочува дека во македонското општество веќе се забележуваат проблеми како нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, опасни интернет-предизвици, изложеност на несоодветни содржини и намалена самодоверба и концентрација кај младите.
Како што се наведува во петицијата, децата во Македонија растат во средина во која социјалните мрежи се составен дел од секојдневието – за учење, дружење и самоизразување. Сепак, иницијаторите предупредуваат дека овие платформи не се дизајнирани со примарна цел да ги заштитат децата, туку да го зголемат вниманието, ангажманот и времето поминато пред екран.
Ова не е прашање на забрана на технологија. Ова е прашање на поставување јасни правила за заштита на малолетници.
Алгоритмите често поттикнуваат зависничко користење и промовираат сензационалистичка и вирусна содржина. Кај децата и адолесцентите, кои сè уште се во психосоцијален развој, последиците можат да бидат сериозни, се наведува во текстот.
Според иницијаторите, државата во моментов нема доволно ефикасни механизми за верификација на возраст, ограничување на алгоритамско таргетирање кон деца, заштита на личните податоци на малолетници и брзо отстранување на штетни содржини.
Како примери се наведуваат повеќе европски земји и Австралија, кои веќе вовеле забрани или строга регулација за користење социјални мрежи од страна на деца.



