Село Орел, 15 часот, во близина на семејната викендица на семејството Јанкови има куќи и жители. Населено место, летен период – 16.06.2024 година, Злата Јанкова ја напушта викендицата со цел да се упати во својот дом и да ги подмири домаќинските обврски. На викендицата останува нејзиниот сопруг Дејан Јанков, кој се занимава со пчеларство и други полјоделски дејности. Тоа е периодот кога Злата последен пат се поздравила со својот сопруг.

Фотографија од Мета профилот на Злата Јанкова (public) – викендица с. Орел
Според кажувањето на семејството, во близина на викединцата, биле забележана од страна на соседка. Ништо невообичаено немало во нејзиното однесување. Година и половина од тој ден, се уште не се знае судбината на оваа млада жена. Семејството постојано апелира на социјалните мрежи, секој што ќе забележи нешто корисно за истрагата да го пријави во првата полициска станица. Фотографијата на Злата Јанкова, како и опис за нејзината висина, тежина и облеката во која последен пат е видена е прикачена и на официјалната страна на Министерството за внатрешни работи во делот за потрага на исчезнати лица.
Која е Злата Јанкова
При базична претрага на нејзиниот фејбук профил, може да се заклучи дека Јанкова била социјална жена, често видена во друштво на свои пријателки, а во една фотографија ја прикажува и нејзината викендица во село Орел, од каде што исчезнува. На таа фотографија е во друштво на пријателки. Во своето сведоштво за „Радио МОФ“ нејзинот сопруг Дејан Јанков, посочува дека имале хармоничен брак и дека Злата има блиски релации со своите деца. По нејзиното исчезнување, семејната хармонија е целосно нарушена, како и здравјето на нејзиниот сопруг.

Фотографија од личниот профил на Злата Јанкова на Мета (public)
Откако ја нема, како да не живееме, од денеска за утре, само чекаме да се појави некоја информација од истрагата и да ни кажат каде е Злата. Секој ден се надеваме и веруваме дека ќе ја најдат жива. Јас постојано се тресам, заборавам да јадам и здравјето ми е целосно нарушено, вели Дејан Јанков во телефонскиот разговор со редакцијата на Радио МОФ.
Освен Дејан, оваа ситуација ги погодува и останатите членови на семејството. Редакцијата на Радио МОФ разговараше и со внукот на нејзиниот сопруг, младиот Александар Васев, кој вели дека по исчезнувањето на неговата вујна, особено неизвесноста која трае повеќе од година и половина, им влејала страв и за сопствената сигурност. На никого не му е јасно, како е можно во сред бел ден, во населено место, да исчезне возрасна личност и надлежните се уште да не можат да лоцираат ниту една релевантна трага која ќе ги донесе до сознание што се случило со Злата Јанкова.
Секому може да му се случи да исчезне и никој да не знае каде е, ниту што се случува со него, вели Васев.
Тој потврдува дека, здравствената состојба на неговиот вујко е многу влошена. Дека тој постојано зборува за Злата, прави обиди да ја пронајде на секој начин, но семејството генерално не е задоволно од тоа како се води истрагата, која и покрај тоа што се води година и половина досега не дала никаков резултат.
Сопругот на Злата, изјави дека нејзиниот телефон бил достапен 20 часа од исчезнувањето. Семејството очајно се обидувало да ја добие телефонски, но по 20 часа телефонот престанал да дава сигнал. Тие тврдат и дека не се земени со сериозност изјави на некои сведоци кои виделе сомнителни луѓе и коли на патот и дека тоа дополнително им создава недоверба во начинот на кој се води истрагата. Дејан Јанков тврди дека по пријавувањето на исчезнувањето на лата Јанкова, првата претрага на терен полицијата ја извршила 8 дена од примениот повик, што според нив е голем пропуст на самата истрага.
Од МВР за Радио МОФ информираат дека истрагата и понатаму тече
Редакцијата на Радио МОФ упати барање за јавно споделување на информации кои е дозволено да се споделат од самата истрага, а кои се однесуваат на преземени дејства во насока на расветлување на случајот.
Во врска со Злата Јанкова, 11.08.1979 година, Свети Николе, која е пријавена за исчезната на 17.06.2024 година и за која на 30.08.2024 година МВР има распишано меѓународна објава, Министерството презема низа оперативни мерки за нејзино пронаоѓање, велат од МВР.
Од МВР тврдат дека направени се прегледи на околниот терен и прибирање на оперативни информации и службени разговори со сведоци и лица интересни на истрагата. Сепак, нема информација дали е работено на лоцирање на сигналот на нејзиниот телефон, што според семејството е единствениот начин да влезат во релевантна трага.
Со поддршка на специјални полициски единици, вршен е преглед на терен, водно и воздушно пребарување и набљудување, како и прибирање на оперативни информации, повикување на лица на службен разговор, а ставени се и лица на полиграфски испитувања. Од страна на единици, ловни друштва и локалното население подолг период пребаруван е теренот во поблиско и подалечно опкружување, но до овој момент не е дојдено до информација или траги во врска со лицето, велат од МВР.
Иако семејството тврди дека истрагата е на почетокот и немаат соработка со надлежните институции од МВР велат дека потрагата по лицето продолжува во континуитет се до нејзино пронаоѓање.
Сомнеж за трговија со луѓе и органи
Дејан Јанков, истакна дека по последните случувања на глобално ниво кои откриваат распространета мрежа на трговија со луѓе, а во кои се споменува и Македонија, неговите сомнежи се дека можеби таква судбина ја задесиле и неговата сопруга. Иако досега не постои материјална евиденција која ги потврдува неговите сомнежи, факт е дека исчезнувањето на Јанкова создава страв и несигурност кај населението.
Година и половина од нејзиното исчезнување се уште не е позната нејзината судбина, а многумина велат дека тоа може да му се случи секому.

Фото извор: МВР исчезнати лица билтен
Официјална потрага по 72 лица од Македонија
На официјалната страна на МВР во делот на исчезнати лица, стои дека активна потрага се врши за 72 исчезнати лица. Голем дел од нив се млади луѓе, а меѓу нив има и деца. Најдолгата потрага од споменатите се одвива од 1992 година, повеќе од 33 години за исчезнатото лице Веле Дојчиновски, кој живеел во с. Ростуше Гостивар нема никаква информација.
Исмет Шабановиќ и Магдалена Стојмановиќ – Константинов за ©Радио МОФ