Се одржа мирен простест во Битола лицата со попреченост и нивните асистенти бараат исплата на задоцнети плати

Слепи лица, лица со попреченост и нивните лични асистенти денеска одржаа мирен протест во Битола, барајќи од Министерството за труд и социјална политика исплата на две задоцнети плати и продолжување на договорите за лична асистенција.

Учесниците истакнаа дека услугата лична асистенција, која е законски загарантирана, се спроведува со прекини, што директно го нарушува секојдневието и независното живеење на лицата со попреченост. Според нив, вакви прекини се случувале и во текот на минатата година.

„Многу е тешко да се живее без лични асистенти кои се веќе дел од нашите семејства. Не сакаме прекини во нивниот ангажман“, изјави Весна Софрониевска за МИА, слепо лице од Битола, додавајќи дека во градот има повеќе од 300 слепи лица на кои им е потребна ваква поддршка.

Личните асистенти, ангажирани преку Црвениот крст, посочија дека втор месец се без финансиски надоместок, а корисниците остануваат без неопходната услуга. Тие побараа итно потпишување на договорите, исплата на заостанатите средства и создавање услови за трајно вработување.

„Нашата работа е социјално чувствителна и од големо значење, но сме оставени без средства за егзистенција“, изјави личната асистентка Светлана Ивановска Чулаковска.

Од протестот беше упатен апел институциите итно да го решат проблемот и да обезбедат континуирана и функционална поддршка за лицата со попреченост.

Извор: Pexels.com