Заштитата на личните податоци е клучен предуслов за остварување на низа други човекови права – од приватност и слобода на изразување, до заштита од дискриминација и насилство, велат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).
На Денот на заштита на личните податоци, МЗМП ја истакнува потребата од доследно спроведување на законската рамка, зајакнување на надзорните механизми и поголема институционална одговорност во постапувањето со лични информации.
Оттука, МЗМП објави примери за тоа како може да се злоупотребат лични податоци и измамат луѓе.
„26.000 денари. Толку му биле наплатени на 42-годишен жител на Гостивар откако ги внел податоците од својата платежна картичка на лажна веб-страница. Линкот го добил преку СМС порака за наводно ажурирање за достава на пакет.
29.930 денари. Толку изгубила 43-годишна жена од Кавадарци откако ги следела инструкциите од лажна е-пошта во име на МВР за наводен сообраќаен прекршок. За да ја ‘плати’ казната, ги внела своите лични податоци, по што средствата биле повлечени од нејзината банкарска сметка.
238.000 денари. Толку изнесувала штетата што две лица ја причинителе откако неовластено прибавиле лични податоци на жена од Штип и во нејзино име аплицирале за седум потрошувачки кредити“, стои во објавата на МЗМП.
Од таму прашуваат која е цената кога личните податоци се злоупотребуваат за понижување, контрола, заплашување и замолчување?
„Повреда на приватноста. Нарушено достоинство. Страв и несигурност. Траен дигитален отпечаток. Повлекување од јавниот и дигиталниот простор“, се вели во објавата.
Од МЗМП посочуваат дека во 2025 година, глобално се компромитираат стотици милиони лични податоци годишно – имиња, адреси, матични броеви, здравствени и финансиски информации. Бројот на изложени податоци за една година речиси се удвоил во однос на претходниот период.
„Кражбата на идентитет бележи драматичен пораст. Во последните години се регистира зголемување од над 60%, при што вештачката интелигенција игра сѐ поголема улога. Автоматизирани фишинг напади, лажни профили, дипфејк видеа и клонирање на глас овозможувајќи измами со брзина и обем што тешко можат навреме да се препознаат“, посочуваат од МЗМП.
И во нашата држава, нагласуваат оттаму, од јануари до средина на ноември 2025 ходина, до МВР биле доставени 60 пријави за онлајн измами и 20 пријави за злоупотреба на лични податоци.
„Овие бројки ја потврдуваат реалноста дека проблемот не е изолиран, ниту далечен. Во дигиталното општество, личните податоци денес се една од највредните ‘валути’ и се користат за профилирање, манипулација, економска добивка и вршење притисок. Колку повеќе податоци се собираат и споделуваат, толку поголем е ризикот од нивна злоупотреба“, забележуваат од МЗМП.
Како што нагласуваат, жените се несразмерно изложени на дигитални форми на родово засновано насилство како неовластено споделување интимни содржини, неовластено снимање, дигитално демнење, уцени и јавно понижување.
Истражувањата покажуваат дека 99% од жртвите на неконсензуални дипфејк видеа со сексуална содржина се жени.
„Едно од днанаесет деца на глобално ниво било предмет на онлајн сексуална експлоатација или злоупотреба, неовластено откривање и користење на нивните лични податоци на небезбедни дигитални платформи“, дополнуваат од Македонското здружение на млади правници.
Оттука, од МЗМП велат дека континуирано работат на унапредување на стандардите за заштита на личните податоци, преку правна помош, застапување и анализи насочени кон подобра заштита на правата на граѓаните.
Бојан Шашевски



