Од 1 февруари 2026 година официјално започнува казнувањето на сообраќајни прекршоци преку електронскиот систем, откако Собранието ги усвои измените на Законот за прекршоци што тој да стапи во сила.
Во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот и доследна примена на законите, Министерството за внатрешни работи (МВР) ги објави прекршоците што се санкционираат преку системот „Безбеден град“ и предвидените глоби.
Тие се поделени во неколку делови – за пречекорување на брзина во и надвор од населено место, за поминување на црвено, непрописно запирање и паркирање, како и за учество во сообраќај на нерегистрирано возило.

„Безбеден град“ користи камери, сензори и автоматски уреди кои ги евидентираат сообраќајните прекршоци без директен контакт меѓу полицијата и возачите.
МВР на сопственикот на возилото со кое е направен сообраќајниот прекршок испраќа СМС порака и е-пошта на контактите дадени при регистрација. Во пораката ќе има линк за преземање на записникот за прекршок и прекршочниот платен налог.
Ако сторителот ја прифати одговорноста и ја плати глобата во рок од осум дена од приемот на записникот, ќе плати половина од изречената казна. По истекот на овој рок, глобата може да се плати во целост најдоцна во наредните осум дена, пред да започне постапката за присилна наплата. Во случај на навремено плаќање, се покриваат и трошоците за целата постапка.
Странци, како и државјани кои заминуваат во странство и би можеле да го избегнат плаќањето, се должни да ја платат глобата веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од приемот на записникот. Ако глобата не се плати, МВР ја доставува до надлежен орган за присилна наплата. За прекршоци каде покрај глобата е предвидена и забрана за управување со моторно возило, а глобата е платена навреме, МВР ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до суд.
„Безбеден град“ најпрво ќе функционира во Скопје, Тетово и Куманово, како и на коридорите „8“ и „10“.
Бојан Шашевски



