Промотивниот концерт на албумот „Long Slow Fall“ на музичкото трио Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски ќе се одржи во Македонски паб „Ѕе“, во вторник, 27 јануари, со почеток во 21 часот.
Од „Аксиома“ посочуваат дека триото Букршлиев, Омерагиќ, Спировски со албумот „Long Slow Fall“ се појавува како редок пример на современа импровизирана музика што одбива да се стабилизира во една форма, жанр или естетска рамка.
„Наместо тоа, нивната музика постои во состојба на постојано лизгање, пропаѓање и повторно појавување – како процес, а не како завршен објект. Овој албум не е збир на композиции во класична смисла, туку динамична мрежа од ситуации, гестови и реакции, во кои фри џезот функционира како метод, а не како стил“, нагласуваат од „Аксиома“.
Во жив контекст, како што велат, оваа музика добива дополнителна димензија.
„Концертот на триото е простор на радикална непредвидливост: структури што се појавуваат и исчезнуваат, лирични фрагменти што ненадејно се распаѓаат во шум, електронски текстури што се судираат со акустична експресија, ритмички импулси што постојано се редефинираат. Џезот тука не е жанровска одредница, туку отворено поле низ кое музичарите слободно маневрираат, флуктуирајќи помеѓу лиричност, ноиз, апстракција и сурова енергија“, соопштуваат од „Аксиома“.
Како што посочуваат, она што особено ги одликува настапите на Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски е нивната изразена игровност.
„И покрај комплексноста и ризикот што ги носи ваквиот пристап, музиката зрачи со виталност, хумор и телесна енергија. Секој концерт е колективна игра на слушање и реакција, во која ништо не е однапред договорено, но сè е длабоко поврзано“, стои во најавата за концертот во „Ѕе“.
Влезот е 200 денари, а со секоја купена влезница посетителите ќе добијат код за дигитално преземање на албумот.
„Ова е покана за влез во еден нестабилен, возбудлив и отворен музички свет – концерт што не нуди сигурност, туку интензивно искуство во кое падот е бавен, но никогаш предвидлив“, се вели во најавата.
Албумот може да се преслуша и поддржи преку Бендкемп-от на „Аксиома“.




