Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 22 казни во вкупна вредност од околу 40 илјади евра, откако инспектори спровеле вонредни инспекциски контроли во маркети и хипермаркети, информираат оттаму.
Биле контролирани 188 оператори со храна, а кај 10 од нив инспекциските служби утврдиле полесни прекршувања од областа на безбедноста на храната, како што се несоодветна селекција на разладни уреди и нејасни или нечитки декларации на производите. За овие неправилности биле изречени опомени.
„Во два маркети било констатирано дека вработените немаат санитарни книшки, а кај шест оператори било утврдено отсуство на имплементирани процедури за примена на правилата на добра производствена и добра хигиенска пракса. Во 14 маркети била затекната храна со изминат рок на траење“, велат во АХВ.
Над 253 килограми производи биле уништени како небезбедни произвоид, меѓу кои месо и месни преработки, млечни, кондиторски и други видови храна.
Од АХВ информираат дека ваквите вонредни контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел заштита на здравјето на потрошувачите и обезбедување на поголема безбедност на храната на пазарот.



