„1.000 потписи! Едно големо браво до сите! Преку 1.000 од вас ја поддржаа петицијата за унапредување на „Сејф Сити системот.“
Вака денеска јавно соопштија од иницијативата „За почиста Македонија“, чии претставници лично д Владата и Министерството за внатрешни работи ја доставија петицијата со која се предлага, во рамки на понатамошното развивање на системот „Safe City“, да се разгледа можноста за да се воведе функционалност за детекција и санкционирање на фрлање отпад од возила.
„Заедно сме погласни. Очекуваме да нè чујат и будно следиме за одговор“, соопштија од „За почиста Македонија“.
Тие претходно побараа од граѓаните да се потпишат, бидејќи, како што рекоа, прво е еколошкото загадување.
„Отпушоците се најчестиот вид отпад пронајден по улици, тротоари и покрај патишта. Еден отпушок содржи токсични материи како никотин, олово, арсен и стотици хемикалии што ја загадуваат почвата и водата. Потребни се и до 10 години за целосно да се разградат, а микро-пластичните влакна од филтерот завршуваат во земјата и реките“, стои во петицијата.
Понатаму, нагласија дека се работи за сериозна закана за јавната безбедност. Фрлен отпушок од автомобил, особено во движење, претставува реален ризик за предизвикување пожар.
„Во Македонија секоја година имаме огромен број на шумски пожари. Еден од потенцијалните причинители на пожарите е и фрлањето на отпушоци покрај патот.
Ова ја загрозува природата, животните, имотот и безбедноста на граѓаните“, пишува во петицијата.

Фото: Envato
Меѓу другото, стои и дека фрлањето отпад од автомобили создава слика на неуредност и примитивно однесување, што остава негативен впечаток кај туристите и го нарушува јавниот ред и чистотата на градот, притоа е нагласено дека камерите веќе ја имаат потребната технологија.
„Со оглед дека ‘Safe City’ камерите веќе препознаваат минување на црвено светло, неправилно паркирање, некористење појас, користење телефон, пребрзо возење и слично, системот може да се надгради со алгоритам за детекција на фрлање предмети од возило, практика која веќе ја има во повеќе европски земји и градови. Ова е реално изводливо, без големи дополнителни трошоци“, се вели во петицијата.
На крајот, се наведува дека воведувањето казни го менува однесувањето и воедно ќе се намали загадувањето и бројот на пожари, истовремено ќе се подигне општата дисциплина во сообраќајот и еколошката свест.
Бојан Шашевски