Измина турбулентна година со трагедии, револти, протести… Година полна и со „нова“ надеж од свежи иницијативи. Година со случувања во политиката, активизмот, културата, образованието… Имаше од сѐ по многу, а ние ви пренесуваме од сѐ по малку. Сумирано преку наши фотографии и видеа и содржини. И малку текст.
Она по што најмногу ќе се памети годината е датумот 16 март. Во импровизирана дискотека „Пулс“ во Кочани, при концерт на групата „ДНК“, животот го загубија 63 претежно млади луѓе, а 200 беа повредени.
Ова претставуваше најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија и најсмртоносниот пожар во Европа по пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во Романија во 2015 година. Пожарот е трета најголема трагедија во Македонија според жртвите, веднаш по авионската несреќа на „Палер Македонија“ во 1993 година, а воедно и настан со најголем број на вкупно повредени лица во историјата на државата.
Поголем дел од настраданите од пожарот беа на возраст од 16 до 24 години.

Фото: Радио МОФ
Случајот поттикна огромни протести, особено во Кочани и Скопје, каде граѓаните бараат системски промени и стопирање на генерацискиот круг на корупција, неодговорност и нефункционалност.
View this post on Instagram
Многу брзо политичарите влегоа во препукувања, пратениците си земаа одмор, а младите активисти од движењето „Кој е следен?“ реагираа дека се дискредитирани и напаѓани, дури се оцрнуваа и семејствата на загинатите, па и активистите од иницијативата „Support Kocani“, кои, пак, собраа повеќе донации отколку самата власт.

Герила акција на движењето Кој е следен?, фото: Радио МОФ
Од движењето Кој е следен? побараа транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отварање до несреќата од повеќе институции. Побараа и дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите институции каде ќе се утврди пропуст при работењето поврзано со случај.
Исто така, соодветна одговорност за сите поврзани со случаите со изгорената модуларна болница, со Онкологија, „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“.
„Безбедноста на граѓаните не може да биде осигурана и без транспарентно работење на сите инспекторати“, беше едно од барањата на Кој е следен?.

Фото: Радио МОФ
Судењето за случајот во Кочани почна на 19 ноември.
Се очекува долг процес, особено што обвинителниот акт опфаќа 34 лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.
View this post on Instagram
Во годината се одржаа локалните избори. Најмногу градоначалници добија од ВМРО-ДПМНЕ, вкупно 21. Во главниот град победи нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски, кој во вториот круг се бореше со Амар Мециновиќ од Левица. Со тоа, колицијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ, имаат речиси апсолутна власт во целата држава.
Изборите наидоа на прилично мала излезност од околу 40%.
Според ОБСЕ, изборите се одржуваа во општествен и политички контекст што остана длабоко поларизиран. Воедно, со ниска доверба во институциите, слаба вклученост на жените и висока перцепција на корупција.
Ако се земе Индексот на корупција, објавен од Транспаренси интернешнел, Македонија бележеше пад од 12 места. Корупцијата беше „сериозна причина за загриженост“ и според Европската комисија.

Фото: Радио МОФ
Kако што се приближуваа изборите, така растеше и ѓубрето во Скопје.
Се формираа цели дини со ѓубре. Диви депонии се создадоа насред најурбаните делови, додека по тротоарите се цедеше исцедок од отпад. Се појави и по некој стаорец.
[Фото] Најдобрите фотографии од конкурсот со отпад од метрополата
Граѓаните од кандидатите за градоначалници побараа средување на отпадот, чист воздух, квалитетно домување, одржлив јавен транспорт, безбедни средини…
Кога е безбедноста во прашање, почна пробниот период на проектот „Safe City“. Камерите снимаа, а на возачите им стигаа опомени ако возеле над 50 киломентри на час.
Безбедноста особено дојде во фокус по трагичниот настан на 29 јануари, кога возач под дејство на алкохол и без возачка дозвола ја усмрти Фросина Кулакова. Случајот поттикна масовни протести. Лавата со револт се прелеа низ улиците. Граѓаните оставија траги од „крвави дланки“ пред Кривичниот суд во Скопје.
View this post on Instagram
Велосипедизмот продолжи да биде небезбеден транспорт, додека годишно во сообраќајки во просек умираат над 120 луѓе, што се две дискотеки „Пулс“.
Затоа повторно по улиците се врати Критичната маса.
View this post on Instagram
Од иницијативата НаТочак главна порака упатија до градоначалниците.
„Имаат голема можност, шанса да направат суштински промени. Имаме еден едноставен предлог: зошто не се качите една недела на точак? Да ги паркирате колите и да видите со што се соочуваат велосипедистите, пешаците, родителите кои туркаат колички, лицата со попреченост и сите оние оние што не се во удобноста на колата. Време е велосипедот и останатите превозни средства да се изедначат со приматот што постои во нашиот град, а тоа е автомобилот“, посочија вело-активистите.

Критична маса во Скопје, фото: Радио МОФ
Еколошките иницијативи беа во полн ек. „О2“, „Здрава котлина“, „Гоу Грин“, „Еко свест“, „Комбо“, „Еко Логик“, За почиста Македонија, Yes for less, Охрид СОС, Шанса за Центар…
Зелена народна стража и граѓани од цела Македонија ја бранеа реката Дошница од хидроцентрали. На блокадата дојде и активистката Грета Тунберг. Засега, со притисокот на граѓаните, машините се тргнаа. Исто така, стигна притисок во вид на блокади од Стоп за Вардариште за да се стави крај на труењето од некогашната депонија, додека Советот на Град Скоје ја усвои иницијативата на Зелен хуман град за дислокација на Цементарата Усје.

Фото: Радио МОФ
Се формираше и граѓанска иницијатива Стоп за Усје.
Активистите побараа 24-часовен мониторинг на Цементарата, Усје да премине кон почисти енергенси, а воедно државата да ја акредитира лабораторијата за мерење аерозагадување.
View this post on Instagram
Граѓанитете бараа правда за кучето Феликс и, конечно, систематско решавање на проблемот со бездомните животни.
Одговорно сопствеништво, чипирање, нови правила за да нема мачење и убиства на животни. Да не остане декларативно на „ќе биде“.
Обвинетиот во случајот Феликс доби затворска казна од три месеци. Активистите ја окарактеризираа како „недоволна“, но сепак прва за убиство на куче во историјата на Македонија.

Фото: Радио МОФ
На солидарниот Осмомартовски марш пораката беше „Што ќе ни се ружи, кога немаме за леб“. Со маршот се одбележи борбата за слобода, автономија и социјална правда на жените.
Стигна и повик за бојкот на големите ланци на маркети и трговски центри, за кои беше речено дека преку вештачки наметната инфлација ги доведуваат граѓаните до раб на егзистенција.
View this post on Instagram
Премиерот Христијан Мицкоски спомена воведување данок за немажени и неженети и дека е „загрижен за демографската иднина на татковината“. Ова инстантно произведе револт во пошироката јавност и кај организациите за човекови права, па премиерот ретерираше дека „нема да има данок за немажени и неженети, сакавме да испровоцираме јавна дебата“.
[Став] Премиере, демографската рецесија не е прашање на плодност, туку на лоши политики!
Младите не добија премногу од ветените мерки до едногодишниот мандат на извршната власт.
Владата единствено се фокусираше на делови од образованието, како на пример за обнова на студентските домови, за мерки за млади земјоделци, како и за новото Министерство за млади, кое патем сѐ уште не е доекипирано и целосно функционално.
Останаа и повеќе проблеми за решавање со инклузивното образование, за да може новиот систем на инклузија да „застане на нозе“.
Училниците уште не се „проветрени“ од дискриминацијата кон атипичните деца
Младински образовен форум заедно со партнерските оргнизации потсетија како Владата вети дека 500 студенти со највисок успех добијат понуда за работа во приватниот и во јавниот сектор. Дека секој студент ќе добие можност да работи на скратено работно време. Дека ќе се релизираат 5.000 обуки за дигитални вештини. Дека ќе има апликација за попусти во театри, музеи, јавен превоз и спортски натправари. Дека јавните институции ќе бидат отворени за волонтирање и практична работа.
До крајот на 2025 година, овие работи останаа на „ќе“.
View this post on Instagram
Слабо се спроведуваше и Законот за млади.
Недостасуваат механизми преку кои младите ќе се собираат и одлучуваат за своите потреби, било да се тоа за култура, образование или социјализација. Во превод – институциите репризно несериозно ги сфаќаа своите законски обврски кон младите.
Национално собрание на млади, следствено и Национално советодавно тело за младински политики сè уште не беа формирани на стартот на 2025, а локални младински совети имаше само во 28 општини, што е 34% од цела Македонија. Тоа, пак, е за 7% или 6 општини помалку во споредба со состојбата на почетокот на ланската година. Дополнително, само 9 општини имаа Младински центри.
Оттука, невладини организации од пратениците побараа систем на одговорност.
Над половина, односно 54% од младите имале директно или посредно искуство со корупција. 30% споменуваат случаи на купување дипломи, а 24,3% поткуп за оценки. Истовремено, 70% од младите велат дека образованието не третира теми за корупција и притоа 69,6% се чувствуваат демотивирани поради корупцијата.
Ова беа резултати од истражување меѓу млади на возраст од 16 до 26 години, спроведено во средни училишта и факултети во три плански региони: Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот.
Лицата со ретки болести ќе ја паметат годинава. Ама, нема баш по добро. При крајот на 2025-та добија „ладен туш“. Буџетот за Програмата за ретки болести беше наголемо скратен од 24 милиони евра (2025) на само 17.5 милиони евра за 2026 година.
Kако изгледа здравствениот систем кога вашето здравје зависи од тоа дали имате пари, врски или време да чекате термин?, прашаа од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ кои објавија истражување „Доктор Рушвет: Анализа на фокус групи за корупција во здравство“.
„Анализата открива како неформалните плаќања, подароци и ‘врски’ се претвораат во неизбежна влезница за навремена и квалитетна здравствена грижа“, посочија од Инстутотот.
Здравјето на граѓаните често зависи од врски, подароци и банкноти
Годината сепак донесе и позитивни аспекти.
Младите активисти и уметници, особено од независната сцена, здружено продолжија да организираат настани, концерти, изложби, книжевни читања… Разни културни собиранки за да задржат напредна мисла и здрав разум.
Младите алтернативци живееја во културна симбиоза со простори како „Ла Кања“, „Буква“, „Дуња“, „Јадро“, „Комбо“, „Котур“… Вибратни беа книжевната, рокенрол и импровизаторска џез заедница. Свои настани правеа и гиковите, од гејмерската, како и од стрип заедницата.
Активни беа и „Стотројка“, „5060“, „Партизанска штампа“, „Колектив Ветерница“, „Аксиома“, „Култура Бета“, „Пагода“, битолски „Пондер“ и „Метал Дисчарџ“, кумановски „Боилинг Поинт“, како и растечкиот „Гола Планина колектив“.

Фото: Радио МОФ
Фестивалот „Сепак се врти“ на „Гола планина“ и пријателите го имаше финалето во Скопје, откако музичкиот караван помина во Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица и Куманово.
Целта, меѓудругото, беше да се прикаже богатото македонско оригинално творештво, особено од новиот бран уметници, а притоа да се пркоси на зачмаеното стоење во место со музика и другарство.
Македонија моментално е расадник на млади бендови, а сега тие се дел токму од новиот бран каде самоорганизирано и солидарно се поддржуваат, учат едни од друг, си одат по свирки и секој на секому е публика.
View this post on Instagram
Ако некој каже „порано имаше музика, порано беше подобро“, ние само ќе му ја покажеме оваа листа:
„Сега, тишината е гласна, а ние треба да бидеме уште погласни. Донациите стивнуваат, а тие сега се повеќе од потребни“, рекоа р
Под рефлекторите меѓу мозаиците на Глигор Чемерски, на ридот Локубија, свиреа повеќе бендови, а организаторите рекоа дека вниманието на јавноста сè повеќе и повеќе се губи и луѓето забораваат на трагедијата во Кочани.
Оттука, порачааа дека не смеат да дозволат таквата ситуација да остане незабележана и донациите не треба да стивнат.
„Ние младите како музичари, со организирање на вакви настани, социјализирање и дружба, заеднички би можеле да се поддржиме едни со други, исто така да промениме нешто“, рекоа младите на „Расплет“.
[Видео] „Расплет фестивал“: Кога тишината е гласна, ние треба да бидеме уште погласни
„Култура Бета“ одбележа пет години постоење.
Роденденскиот настан се одвиваше во „Буква“, со која ова младинско здружение се развиваше и обликуваше и која потоа на 31 декември 2025 стави клуч на локацијата на „Луј Пастер“, под надреалната Куќа на бесконечноста и трите брези.
„Колектив ветерница“ продолжија со настаните со ,,Трисомија 21″. Меѓу другото, ја организираа инклузивната претстава ,,Диско (в)Љубеници”, која го истражува полето на имерзивниот театар и феноменот на диското.
Преку неа беа отворени прашањата: ,„Што е диско? Каква е диско музиката? Како се танцува во диско? Дали диското е за сите возрасти? Зошто диското е важно?“.
,,Ветерниците“ повикаа, а младо-старите дојдоа. Се вклучија. Влетаа околу сцена, и потоа на сцена. Без срам дали се чудни, смешни или трапави.
View this post on Instagram
„Д Фестивал“ се пресели од Дојран во Штип.
Единствениот македонски метал фестивал „Metal Discharge“, пак, годинава ја распосла програмата низ три вечер.
„ПИН“ повторно значеше повеќе настапи истовремено, распрскана енергија низ внатрешниот и надворешниот простор на МКЦ. Млади луѓе, меѓународна публика и постојани резиденти на Центарот движат по скалите горе-доле. Малку од овој бенд, малку од оној. Или слушни цел настап, па отиди на друг. Или отиди да си купиш маичка или пијачка. Или, едноставно, застани крај скулптурата „Малиот принц“ на муабет со другарите.
Слично беше претходно и на „Здраво млади“. Публиката повторно се потсети на оние денови кога МКЦ имаше пет пати повеќе настани и не беше заглавен во долгови.
View this post on Instagram
„ФИЈУК“ – саемот на независно издаваштво и независна уметност – окупираше неколку локации, во неколку македонски градови.
Самото име на саемот е земен од стрип, најчесто кога пролетува куршум пишува „ФИЈУК“. Целта е да се покаже дека оружјето е во создавањето, творештвото, печатењето, во издавањето на книги, фанзини, фотографии, графики…
„Истовремено сакаме да ја зголемиме свесноста за колекционерската вредност на локалната уметност“, нагласија од „Партизанска штампа“.
Идејата е преку вакви редовни саеми да се зацврстува издавачката дејност – на хартиени или музички или било-какви изданија, но и да се зголеми соработката меѓу самите учесници и публиката.
АРНО го отвори првиот Центар за поправки „Ништо ново“.
„‘Ништо ново’ не е само име, туку филозофија: да не фрламе, да поправаме, да придонесеме кон помалку отпад, зошто токму превенцијата на отпад е клучна во циркуларната економија. Рециклирањето е скапо и неисплатливо. А конзумеризмот мораме да го освестиме“, рекоа од АРНО.
„АРНО“ и истомислениците веќе размислуваат и на менување на потрошувачката култура, ако се знае дека разни производи – телефони до фрижидери и чевли – се расипуваат по истекот на гаранцијата. Современиот економски систем и капитализмот ги тера луѓето да купат нов производ, иако постојните може да се поправат.
View this post on Instagram
Дворот на Здружението „Комбо“ во скопска Железара на повеќе пати беше место на заедничарење. Ем тезги со предмети и облека од втора рака, ем нови и стари пријателства и афирмација на заедницата.
„’Маалски бувљак’ нè предизвика да ги реобмислиме нашите навики кон стари предмети: дали можат повторно да се користат, реставрираат и повторно да се користат, наместо веднаш да ги фрлиме и да ги замениме со нови“, рекоа организаторите од „Комбо“.
„Зелената арка“ преку мотото „Градини на заедништво“ го одржа микрофестивалот „Бостание“.
И тука одржливоста и заедничарењето беа во прв план. Со плодовите на природата, бидејќи од таму почнува сѐ, и завршува сѐ.
View this post on Instagram
Среќна нова 2026 година! Бидете здрави, слободни, борбени и креативни.
Бојан Шашевски



