„Зборуе Радио Скопје“ – „Стотројка“ за 81 година „Македонско радио

„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“ се зборовите со кои Владо Малески, писател и борец во НОВ, го означи почетокот на работата на „Македонското радио“. Првите зборови прозвучија во етерот на 28 декември, 1944 година, за време на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ.

Утре, недела 28 декември, се навршува 81 година од основањето на „Македонското радио“. По тој повод, „Канал 103“ ќе реализира целодневна програмска посвета со наслов „Зборуе Радио Скопје“.

Отворената програма ќе ја поврзе радио архивата со современите, експериментални пракси и новите генерации автори, со посебен акцент на разновидноста на гласови и формати.

Свои настапи во живо ќе имаат Член 16, alone in a crowded room и Александар Ордев. 

Во соработка со Радио МОФ и Моно-тон ќе биде направен пресек на македонските музички изданија објавени во 2025 година.

Програмата започнува во 13 часот и ќе трае до полноќ. Истата ќе се емитува и на Cashmere Radio (Берлин), во рамки на тековната соработка меѓу двете партнерски радија, како и на ФИЈУК саемот на независно издаваштво.

Програмата може да се следи преку:
www.kanal103.com.mk и www.cashmereradio.com